Скопската епархија информира и дека ги подмирила сите долгови кон изведувачот на досегашните градежни работи и дека го има храмот во своја сопственост
Скопската епархија при Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) информира дека нема доволно пари за да го доизгради храмот „Свети Константин и Елена“ во центарот на Скопје кој треба да се фрескоживописа за да се освети и да се стави во функција.
„Македонската православна црква – Охридска архиепископија и Скопската епархија сметаат дека македонскиот народ и верниците заслужуваат храмот во центарот на главниот град да биде завршен и да се подготви за осветување и да биде ставен во функција. Како прв чекор кон тоа, потребно е да се изработи фрескоживописот. Немајќи доволна финансиска можност за да го доизгради храмот, Скопската епархија изразува надеж дека во следниот период ќе се најдат благочестиви христијани кои ќе го помогнат довршувањето на храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој ќе биде гордост на градот и на МПЦ-ОА“,
наведува епархијата во допис до медиумите.
Скопската епархија информира и дека ги подмирила сите долгови кон изведувачот на досегашните градежни работи и дека го има храмот во своја сопственост.
„Ги известуваме верниците и целокупната македонска јавност дека храмот ‘Свети Константин и Елена’, кој се гради во центарот на Скопје, е во целосна сопственост на Скопската епархија при Македонската православна црква ‒ Охридска архиепископија“,
се наведува во соопштението.
Кон крајот на јануари, Инспекторатот на Општина Центар најави дека ќе ја отстранува металната ограда од кругот на црквата „Св. Константин и Елена“ во строгиот центар на главниот град бидејќи, како што посочија оттаму, ниту има никакви градежни работи ниту, пак, има најави дека тие ќе продолжат, со оглед на тоа што и рокот за изградба на црквата од 10 години е поминат.
Но, по средбата на градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, со архиепископот македонски и охридски, г.г. Стефан, Општината се премисли и одлучи црквата да остане оградена.
Црквата беше идеја и желба на поранешниот премиер Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ. Уште пред да се издаде дозволата за градба беа задушени протестите на граѓаните кои сметаа дека не треба да се гради црквата.
Сопственик на земјиштето на кое се гради црквата е МПЦ. Станува збор за 2 230 квадратни метри во строгиот центар на главниот град, кои во 2012 година МПЦ ги купила со непосредна спогодба од државата. Земјиштето го платила по 1 800 денари за квадратен метар или вкупно 65 268 евра.