За градовите да станат европска престолнина на културата, постапката за избор се спроведува во два круга: предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати и девет месеци подоцна – финален изборен круг. Откако ќе биде предложен потесен список на градови, во втората фаза Европската комисија официјално го назначува градот што ќе биде избран со титулата Европска престолнина на културата
Скопје влезе во потесен избор да стане Европска престолнина на културата во 2028 година. Освен главниот град на земјава, во трката влезе и приморскиот град во Црна Гора – Будва, објави на својата веб-страница Европската комисија во делот за култура и креативност. Потесниот избор за оваа титула бил предложен од панел од 10 независни експерти.
Од Европската комисија во соопштението додаваат дека влегувањето во потесниот круг за избор на оваа титула може да резултира со значителни културни, економски и социјални придобивки за градовите, под услов нивната понуда да е предводена од долгорочна развојна стратегија за културата.
„Градовите имаат рок до јуни 2023 година да ги комплетираат своите апликации. Панелот ќе се состане во септември 2023 година за да селектира и предложи еден град кој ќе стане трета европска престолнина на културата од земја на ЕФТА/ЕЕА по ЕПК Нови Сад (Србија) во 2022 година и ЕПК Бодо (Норвешка) во 2024 година“,
додаваат од ЕК.
Во истата година, ќе има уште две европски престолнини на културата, една во Република Чешка (Бромув и Будвајс се најдоа во потесниот избор во октомври 2022 година) и една во Република Франција (селекцијата за француските градови ќе се одржи на почетокот на март 2023 година).
За градовите да станат европска престолнина на културата, постапката за избор се спроведува во два круга: предизборен круг, по што се составува потесен список на градови кандидати и девет месеци подоцна – финален изборен круг. Откако ќе биде предложен потесен список на градови, во втората фаза Европската комисија официјално го назначува градот кој ќе биде избран со титулата Европска престолнина на културата.
Градовите кои ќе поднесат апликација треба да подготват културна програма со силна европска димензија, а мора да имаат трајно влијание и придонес за долгорочен развој на градот. Градовите исто така мора да покажат дека имаат поддршка од релевантните јавни локални власти и капацитет за реализација на проектот (тим и инфраструктура).
Европска престолнина на културата е програма на Европската комисија започната во 1985 година. Во периодот од 1985 до 2021 година, оваа титула е доделена на околу 60 града од 30 земји од Европа, меѓу кои се повеќе градови од Југоисточна Европа, а од 2021 и на градови од земји кандидатки за Европска Унија.
Целта на програмата е да се промовира различноста на културите во Европа, да се истакнат заедничките карактеристики и да се поттикне придонесот на културата во долгорочниот развој на градовите.