Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост
Главниот град на државата, Скопје утрово се најде на 21. место на најзагадени градови светот и прв во Европа, покажуваат податоците на светскиот сервис на мерење на квалитетот на амбиенталниот воздух „Ај-кју ер“ (IQAir).

Според последните податоци, индексот на загаденост за Скопје во 9 часот изнесува 95, што е во категоријата на средна загаденост.
Од европските градови зад Скопје се Амстердам , Сараево и Белград, додека на светско ниво најзагаден воздух дишат жителите на Лахор (Пакистан), Делхи (Индија) и Карачи (Пакистан).
Министерството за животна средина и просторно планирање завчера издаде препораки до граѓаните за заштита од загадувањето. На сите работодавци и им се препорачува да ги ослободат од работни обврски бремените жени, лицата постари од 60 години, како и граѓаните со хронична астма, прележан срцев удар или мозочен удар, без оглед на возраста. На оние кои мора да работат на отворено им се препорачува смените да им бидат поместени во интервалот од 11 до 17 часот.
Од Министерството препорачаа интензивирање на вонредните инспекциски надзори на инсталациите со А-интегрирана еколошка дозвола, како и на инсталациите со Б-интегрирана еколошка дозвола и елаборати.

Вчера од граѓанската иницијатива „Стоп за Усје“ за в четврток, 25 декември, повикаа на блокада на раскрсницата меѓу булеварите „Борис Трајковски“ и „Србија“ каде што, како што наведоа од иницијативата, ќе бидат изнесени барања до надлежните институции со цел конечно и трајно решавање на проблемот со загадувањето на воздухот во Скопје, за кое велат е предизвикано од работењето на Цементарница „Усје“.
Од скопската цементарница „Титан-Усје“ целосно ги отфрлија обвинувањата дека нејзиното работење е причина за загадениот воздух во главниот град, наведувајќи дека ваквите тврдења се невистинити оти не се засноваат на меривили научни податоци и факти.
Според компанијата, работењето на цементарницата е под 24 часовен независен надзор и сите податоци од мерањата се јавно достапни. Податоците, велат оттаму, освен што се доставуваат до надлежните институции, кои имаат и независен увид, се споделуваат и со медиумите и со невладиниот сектор.
