Преплавени контејнери, купишта ѓубре низ улиците и булеварите во Скопје. Во речиси сите скопски населби уличните контејнери се затрупани со отпад, а ветерот дополнително го разнесува ѓубрето низ улиците и тротоарите.

Вработените во ЈП „Комунална хигиена“ предупредуваат дека ваква ќе остане сликата во градот додека раководството на претпријатието не ги исполни нивните барања. Тие од вчера штрајкуваат и бараат повисоки плати, исплата на к-15, подобри услови за работа, како и да се вратат отпуштените работници.

„Барањата беа да се зголемат платите, да ни се платат патните трошоци и храна и да се подобрат условите за работа, од камиони до корпи за отпад, немаме услови. Директорката вчера попладне донесе одлука пред крајот на работното време, го избрка синдикалниот од работа и многу други колеги“
вели за Алсат, Реџеп Мифтари, работник во „Комунална хигиена“.

„Овде сме без сон од синоќа. Ни вели – излезете на работа, собирајте отпадоци оти за тоа си вработен, однесување кое според мене е улично однесување. Нè обвинува, нè омаловажува, ни се заканува, вие не ги браните вашите интереси, туку на други. Ако не отидете на работа денеска, не доаѓајте во понеделник бидејќи ќе се јавам во администрација и ќе донесам одлука да ве отпуштам“,
вели друг вработен во „Комунална хигиена“.

Директорката на ЈП „Комунална хигиена“, Косана Мазнева, денеска на прес-конференција рече дека е свесна за состојбата, која според неа настанала поради политички блокади од група вработени за кои веќе поднела кривични пријави. Револтот, како што вели Мазнева, настанал кога донела одлука за ротација во трета смена на вработените кои досега манипулирале и не се појавувале на работа или „терале“ свои приватни бизниси.
„Нема да дозволам ’Комунална хигиена – Скопје’ и сите граѓани да бидат заложници на овие политички насилници. Сите закани по мојот живот и кон вработените во претпријатието се уредно пријавени во МВР од каде очекувам брза реакција“,
рече Мазнева.

Според неа, неосновани се барањата на оние што протестираат.
„Последниве 15-20 години една група луѓе се постојано трета смена. Значи, спротивно на закон. Голем дел од нив земаат ноќен труд од 35% и само заради нив не може некој друг да ротира. Тоа не е причина за протест“,
додаде Мазнева.
