На средбата со заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф, претседателката изразила очекување за засилена поддршка од САД за што побрз почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ додавајќи оти Соединетите Држави ќе имаат конструктивна улога во пристапниот процес кој е од важност поради глобалните безбедносни предизвици
Претседателката и Владата во С Македонија може да сметаат на поддршката од САД во обидот за пробив на деблокадата со која се соочува земјата на патот кон Европската Унија. Ваква порака испратил заменик-помошникот државен секретар на САД за Западен Балкан, Александар Касаноф, на средбата со претседателката Гордана Сиљановска-Давкова одржана на маргините на 79. Генерално собрание на ОН во Њујорк.

Шефицата на државата, како што соопштија од нејзиниот кабинет, изразила очекување за засилена поддршка од САД за што побрз почеток на пристапните преговори на земјава со ЕУ додавајќи оти Соединетите Држави ќе имаат конструктивна улога во пристапниот процес кој е од важност поради глобалните безбедносни предизвици.

Во интерес на регионот на Западен Балкан, вели Сиљановска-Давкова, е наскоро отворање на првите поглавја во македонските преговори со ЕУ.
„Претседателката изрази надеж дека ЕУ ќе почне да ги почитува сопствените одлуки кои укажуваат дека билатералните прашања не смеат да го блокираат процесот на проширување. Го повтори ставот дека по 16 препораки на Европската комисија за почеток на македонските преговори за членство, ЕУ треба да ги спроведе сопствените правила и да се базира на критериумите од Копенхаген како единствени услови за влез во Унијата“,
пренесуваат од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
На средбата со шефицата на државата, американскиот заменик-помошник државен секретар, меѓу другото, се заблагодарил за македонската воена и техничка помош за Украина која, како што посочил, ја потврдува позицијата на земјата како кредибилен партнер на САД и членка на НАТО.