Изборот на Зоран Стевановиќ за претседател на Народното собрание се смета за најава дека досегашниот опозиционер и лидер на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, може да ја формира четвртата негова влада

Новоизбраниот претседател на словенечкиот парламент, Зоран Стевановиќ, кој е лидер на крајно десничарската антисистемска партија Ресни.ца, вели дека првите посети што му се планирани како носител на оваа функцијата се на Скопје, Копенхаген и на Москва.
„Веќе имаме планирано неколку посети, колку што знам, Скопје и Копенхаген се меѓу првите. Би сакал да градам мостови, да соработувам добро со сите земји, без оглед на ѕидот што беше изграден меѓу Западот и Истокот. Затоа планирам наскоро да ја посетам Москва“,
изјави Стевановиќ за инстаграм-профилот на Радио Први.
Нема информација дали и од кого тој добил покана да го посети Скопје.
Инаку, изборот на Стевановиќ за претседател на Народното собрание се смета за најава дека досегашниот опозиционер и лидер на Словенечката демократска партија (СДС), Јанез Јанша, може да ја формира четвртата негова влада.
На неодамнешните избори во Словенија, движењето Ресни.ца освои пет мандати и се смета за клучно за формирање влада. Доњегашното владејачко Движење за слобода на Роберт Голоб доби најмногу мандати – 29, а СДС на Јанша освои еден помалку.
Стевановиќ и неговата партија Ресни.ца се познати во Словенија и по тоа што во 2021 година потпишале нотарска изјава дека никогаш нема да соработуваат со партијата СДС на Јанша. Сепак, неговиот избор за претсетдател на парламентот со гласовите на пратениците од СДС, укажува дека соработка постои.
Прашан за ова, Стевановиќ одговори дека изјавата го губи значењето кога биле избрани во парламентот бидејќи таму сите пратеници се колеги од првиот ден, не само СДС на Јанша, туку и Левицата, Демократите на Логар, НСИ и СД.
Како што додаде тој, сепак е јасно со кого ќе одат, а со кого нема да одат во Влада.
На прашањето дали нотарскиот акт ја загубнил својата тежина и важност по влегувањето во парламентот, Стевановиќ рече дека тоа не се случило поради него и неговиот избор и оти тој не би го прекршил на ниеден начин.
„Дури и пред изборите, зборувавме дека нема да влеземе во владата на Јанез Јанша и нема да влеземе во владата на Роберт Голоб. Ние се држиме до тоа, и тоа е наш принцип. Во врска со актот за соработка, би било добро медиумите, пред да ме прашаат за тоа, да го преформулираат терминот соработка, бидејќи ова е од најголема важност“,
рече тој.
Едно од прашањата што се отворија по неговиот избор е каква ќе биде геостартешката ориентација на Словенија ако т.н. коaлиција на добронамерните, како што се нарекоа 48-те пратеници што гласаа за него, формираат влада.
Словенечките медиуми пишуваат дека Јанша е голем поддржувач на Украина, додека Ресни.ца има повеќе проруски позиции, а има спротивни ставови од Јанша и по прашањето за Израел, Газа и Палестина.
„Немам проруски позиции, само прословенечки. Ние тврдиме дека Словенија мора да ја води својата политика независно, суверено. Дека мора да соработуваме со сите земји на овој свет, особено со големите сили, но оваа соработка никогаш не смее да значи потчинување. Добри односи со сите, но во интерес на Словенија. Апсолутно ќе се спротивставиме на мешањето во странски воени и дипломатски спорови, бидејќи Словенија никогаш нема корист од ова. Во исто време, морам да кажам дека му ветивме на народот референдум за напуштање на НАТО и дека и ние ќе го одржиме овој референдум“,
вели тој.
