Договорот, кој е веќе раскинат, предвидуваше „Линк медиа“ да го украсува Скопје за околу 243 000 евра, а негово раскинување беше побарано поради енергетската криза
На 10 декември ќе започне новогодишното украсување на Градот Скопје, соопштија градските власти.
Градоначалничката Данела Арсовска денеска спогодбено го раскина договорот кој беше потпишан во октомври со „Линк медиа“, а истовремено потпиша и меморандум за соработка со истата фирма која се нафатила годинава да го украсува градот бесплатно.
„Ова е време кога треба да се менуваат работите, кога треба да покажеме дека заедно можеме повеќе за нашиот град. На мојот повик се јавија компании кои ја покажаа својата општествена одговорност, а една од нив најави дека ќе го украси градот Скопје за Нова година без финансиски импликации по Градот“
изјави градоначалничката Арсовска по средбата со претставници на фирмата.
Договорот, кој e вече раскинат, предвидуваше „Линк медиа“ да го украсува Скопје за околу 243 000 евра, а негово раскинување беше побарано поради енергетската криза.
Претходно, од кабинетот на Арсовска најавија дека за следната година ќе се промени досегашната практика и наместо да се најмува фирма за украсување, Градот ќе купи сопствени украси со цел да се заштедат пари.