Заедничка иницијатива на Скопје и Атина за одржување на видео-конференција со претставници од балканските и соседните европски земји со цел подобра координација за враќање на општество-економската нормалност.
Ова го најави министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас, во писмена изјава до медиумите, јавува МИА.
„Следната седмица, по заедничка иницијатива на Грција и Северна Македонија, ќе се одржи нова видео-конференција со моите колеги од балканските и соседните европски земји за подобра координација за најбрзо можно враќање во општествено-економска нормалност, се разбира со помош од ЕУ, по периодот на строги рестриктивни мерки поради пандемија“,
наведува Дендиас во писмената изјава по состанокот на Советот за надворешни работи на ЕУ.
Шефот на грчката дипломатија, меѓу другото, објаснува дека на денешната видео-коференциска средба станало збор и за иницијативите на Европската Унија за регионот, како и за резултатите од Самитот ЕУ-Западен Балкан.
„Одлуката на шефовите на владите за економско зајакнување на земјите од Западен Балкан во справувањето со пандемијата, покрај солидарноста на ЕУ во пракса, ги истакна и стратешката важност и привилегираниот однос на овој регион со Унијата“,
додава Дендиас во изјавата.
