За повикот од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да пријави доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија на Град Скопје, Ѓорѓиевски посочи дека веќе имале средба со претставници на Финасиската полиција, но дека во интерес на истрагата не може да даде повеќе информации
Скопје годинава ќе биде украсено, а ќе се организира и новогодишна прослава каква што заслужува секоја метропола. Ова во вечерашното гостување на МРТ 1 го најави новиот градоначалник на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, одговарајќи на новинарското прашање дали годинава главниот град ќе биде украсен во пресрет на новогодишните празници, со оглед дека изминатите години тоа не беше случај.

„Конечно Скопје ќе биде украсено онака како што треба, како што заслужуваат нашите граѓани. Во петок на седница на Советот е предвиден ребаланс на буџетот. За жал, во минатото не беа предвидни средства за оваа намена. Сега, во ребалансот предвидуваме средства за китење на главниот град и ќе биде организирана и прослава за пречек на Новата година“,
рече тој.
За повикот од државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски да пријави доколку има докази за злоупотреби во јавните претпријатија на Град Скопје, Ѓорѓиевски посочи дека веќе имале средба со претставници на Финасиската полиција, но дека во интерес на истрагата не може да даде повеќе информации.
„Стојам зад сите факти што ги изнесов во јавноста. Околу 500 лица се отстранети од списоците на вработени во јавните градски претпријатија, што земале плата, а не оделе на работа, односно го прекршиле Законот за работни односи и дисциплината што требало да ја запазат во претпријатијата“,
рече тој.
Според него, тоа не се лица што ќе бидат заменети со нови, зашто на нив им било дозволено единствено да вршат злоупотреба на институциите и да се доведуваме во оваа состојба во каква што сме денес во Градот Скопје.
„Ако направите пресметка, тоа е околу пет милиони евра отштета на годишно ниво или за четири години е вкупно 20 милиони евра или колку што отприлика би чинила изградбата на новиот Луна Парк, што го чекаат многу генерации“,
кажа новиот градоначалник.
На состаноците со надлежните, побарал да има одговорност, но и како што додаде, да има и командна одговорност, што не подразбира овие лица само да бидат отстранети од списоците за вработување, туку да има и одговорност оној што потпишувал тие да земаат плата, а да не работат, но и директорот што сето тоа го одобрувал.
На новинарско прашање дали Обвинителството ќе постапува по допрен глас во врска со изјавите на Ѓорѓиевски дека во јавните претпријатија во градот имало злоупотреби, Коцевски денеска рече дека доколку градоначалникот има докази, тоа може да го пријави на надлежните органи.
