Половина од електричната енергија што би се произвела во ТЕ-ТО со гас од Србија да остане во земјава, а другата половина да му се врати на северниот сосед – ова е една од можните формули во трампата „гас за струја“ меѓу Белград и Скопје
Во гостувањето во емисијата „360 степени“, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека Србија била таа што прва предложила ваква размена. Северна Македонија дала конечен предлог – се чека одговор на другата страна
Ниту Северна Македонија ќе купува гас од Србија, ниту, пак, Србија за возврат ќе купува електрична енергија од земјава, изјави министерот за економија, Крешник Бектеши, при вечерашното гостување во „360 степени“ на ТВ Алсат. Она за што се преговара, рече тој, е размена – Србија да дава гас за електраната ТЕ-ТО, а потоа дел од произведената електрична енергија да се врати како компензација.

Обврска е на Србија да го снабдува со природен гас ТЕ-ТО (ако се постигне договор н.з.) … Ние како држава имаме обврска ним да им обезбедиме електрична енергија.
– Колкава е извесноста тоа да се случи?
Значи, јас сум повеќе од сигурен дека Србија сериозно ја разгледа, ја разгледува нашата понуда… Јас и премиерот Ковачевски ја пративме финалната понуда од Северна Македонија за власта во Република Србија.
– Колку од струјата што ќе ја произведува ТЕ-ТО ќе биде струја за Македонија, а колку за Србија?
Значи, последната понуда е или 50-50 или 60-40 за нас, Северна Македонија.
Ќарот за земјава од ваквата зделка, вели Бектеши, е неколкукратен. Електричната енергија произведена во ТЕ-ТО што ќе остане за земјава ќе биде понудена на домашниот пазар. А, ако работи ТЕ-ТО, тоа значи дека ќе биде обезбедена и околу 60% од потребната енергија за парното во Скопје, што значително ќе ги намали трошоците за производство во топланите.
Според Бектеши, интерес за овој тип на соработка прва пројавила Србија. Па, ако се постигне договор за размена, Србија е таа што ја има обврската да го донесе гасот до Северна Македонија.
Она што се знае е дека гасот ќе транзитира преку Бугарија, а може да дојде од Србија или од Турција.

„Ние, технички, ги завршивме сите подготовки како држава. Јас сум донел одлука за ослободување на одредени капацитети во интерконекторот со Република Бугарија. Каква одлука? Ние никогаш не сме го користеле 100% капацитетот… И таму има ослободени количини кои можат да се користат и да доаѓаат од Србија, преку Бугарија, кај нас. Но, не значи дека ќе доаѓаат директно од Србија. Србија има право да направи swap (замена) на енергијата од Турскиот тек, за нивните потреби за производство на електрична енергија, надвор од нивната држава. Mоже да направи swap (замена) и да дојде директно преку Бугарија во Македонија“,
изјави Бектеши.
На прашањето – дали ако гасот дојде од Турција, тогаш нема да станува збор за руски гас, Бектеши одговори „не“ и понатаму не се осврна од каде е потеклото на гасот кој потенцијално би бил трампан со струја за Србија.