Сопственичката на објект во крајбрежната охридска населба Лагадини, Румена Миовска-Кузманоска обвинува дека Секторот за урбанизам на Општина Охрид постапува спротивно на Планот за управување со Охридскиот регион донесен годинава како дел од препораките на УНЕСКО.
Таа стравува дека поради непочитувањето на Планот, во кој прецизно се регулира каде и каков тип на градби се дозволени, нејзината половина од куќата ќе падне, со оглед дека на сопственикот на другата половина добил дозвола да го урне својот дел од објектот и да изгради нов, на истото место.
„Со споменатото издадено одобрение на инвеститорот му се одобрува изградба на објект, приземје со два ката и поткровје со процент на изграденост од близу 70%. Бидејќи објектот, според зонирањето во Планот за управување со Охридскиот регион се наоѓа во заштитната зона III-г, а според наведените забранети активности во заштитната зона III-г (на стр.129 од Планот), тој можел да дабие одобрение за објект со приземје и фва ката, но без поткровје и со процент на изграденост кој не смее да биде поголем од 50%“.
објаснува Миовска-Кузманоска.
Таа се сомнева и во манипулација со датумите на одобрението за градба, за кое поднела жалба до Општината. Во неа, меѓу другото, сопственичката наведува и дека во елаборатот, кој што го обезбедил инвеститорот, пишува дека се потребни интервенции за зајакнување и обезбедување на стабилноста на нејзиниот дел од градбата.
„Објектот не е двокуќа, туку во статичка смисла претставува една конструктивна целина на две нивоа континуирано изведени армирано бетонски плочи и греди преку мојата и неговата половина на објектот, со заеднички кров, a идеалните половини се оформени со преграден ѕид од шуплива тула. Од ова јасно произлегува дека рушењето на едната половина на објектот за на тоа место да се изгради нов објект (за чија изградба му е издадено одобрението) претставува драстично нарушување и промена на статиката на конструктивниот систем на објектот со големи реперкусии врз стабилноста и безбедноста на другата, мојата половина на објектот.“
пишува во жалбата.
Од Општина Охрид објаснуваат дека барањето за одобрение за градба е поднесено во 2016 година, за разлика од планот за управување кој беше донесен во 2020 година.
„Во врска со сомневањето дека издаденото одобрение за градење е спротивно на критериумите и мерките содржани во Планот за управување со светско природно и културно наследство на Охридскиот регион, истакнуваме дека Одлуката за начинот на спроведување на постојните урбанистички планови и урбанистичко плански документации како и за времен прекин на постапки за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти бр.08-3172/3 од 18.03.2020 година усвоена од Советот на Општина Охрид, не се однесува на отпочнати постапки за издавање на одобрение за градење.“
се вели во реакцијата од општината.
Од општината додаваат дека предметната управна постапка се уште е во тек и не завршила со правосилен управен акт, а инвеститорот ја имал целата потребна документација за градба.
