Според соопштението на МВР, полициски службеници од СВР Скопје вчера извршиле службен разговор со 39-годишен скопјанец С.А. кој, според пријавата, во неделата на булеварот „Словенија“ преку отворен прозорец од своето возилото „мерцедес“ упатил закани кон градоначалничката Данела Арсовска
Министерството за внатрешни работи (МВР) информира дека скопската полиција постапува по пријава за закани упатени кон градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

Според соопштението на МВР, полициски службеници од СВР Скопје вчера извршиле службен разговор со 39-годишен скопјанец С.А. кој, според пријавата, во неделата на булеварот „Словенија“ преку отворен прозорец од своето возилото „мерцедес“ упатил закани кон Арсовска.
„Во разговорот тој потврдил дека поминал со возилото, но дека не упатил закани. Исто така, тој изјавил дека се обидел да снима со телефон, но не успеал“,
наведуваат од МВР.
Информиран јавен обвинител, а по целосно документирање на случајот ќе биде поднесена соодветна пријава.
Во неделата Арсовска во живо се вклучи од булеварот „Словенија“, каде што обвини дека фирма од село Глумово врши ископ за нелегален приклучок од фекална во атмосферска канализација.
Скопската градоначалничка изминатиов период тврди дека е мета на закани откако во јавноста го обелодени случајот за дивоградби во Чаир и нивно незаконско легализирање преку фалсификувани документи. Премиерот рече дека жали ако Арсовска навистина трпи закани и ја охрабри случајот да го пријави во полиција.