На ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој, како што се наведува во соопштението од Јавното обвинителство, подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство
Основното јавно обвинителство Скопје оформило предмет против едно лице кое преку Фејсбук поттикнувало омраза кон македонската држава и идентитет. Предметот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителство, бил оформен по кривична пријава што до надлежното Обвинителството ја поднел Сектор за борба против тероризам, насилен екстремизам и радикализам при Бирото за јавна безбедност на Министерството за внатрешни работи (МВР).

Од Обвинителството велат дека станува збор за 30-годишен скопјанец.
Според пријавата од МВР, тој се товари за кривичното дело ширење расистички и ксенофобичен материјал под пат на компјутерски систем, од член 394-г од Кривичниот законик.
„Осомничениот, преку посебно креирана страница на социјалната мрежа Фејсбук, споделувал содржини кои предизвикуваат национална и етничка дискриминација со што поттикнувал омраза кон македонската држава и идентитет“,
се наведува во соопштението од Обвинителството.
Дополнително, оттаму информираат дека по претходни сознанија на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), полициски службеници извршиле претрес и одзеле пропаганден материјал што осомничениот го отпечатил и имал намера да го дистрибуира во земјава.
На ваквите активности осомничениот бил поттикнат од бугарски државјанин кој, како што се наведува во соопштението, подолг период на социјалните мрежи и на други портали објавува содржини чија цел е поттикнување омраза, нетрпеливост и насилство.
Оттаму додаваат дека Јавното обвинителство, во соработка и со координација со другите надлежни органи, продолжува да презема дејствија за обезбедување докази.
