Жената ја спасиле двајца други потстанари во куќата. Тие успеале да ја извлечат и веднаш да повикаат полиција

Основното јавно обвинителство Скопје поведе постапка против 51-годишен маж, осомничен за физичко насилство и загрозување на сигурноста на неговата партнерка. Инцидентот се случил на 14 јануари во домот во населбата Гази Баба, каде што жената привремено престојувала.
Според информациите од обвинителството, осомничениот бил во видно алкохолизирана состојба кога започнал со нападот. Тој ја удирал по главата и по телото, ја давел, а во еден момент замавнал со нож кон неа.
Жената ја спасиле двајца други потстанари во куќата. Тие успеале да ја извлечат жената и веднаш да повикаат полиција.
Кај жртвата биле констатирани повеќе повреди, меѓу кои и пукнатина на ребро и на градната коска.
Јавниот обвинител го товари 51-годишниот скопјанец за две кривични дела – телесна повреда и загрозување на сигурноста.
Поради опасност од бегство, обвинителството до судијата на претходна постапка доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот.
