Малолетникот, како што информираат од Обвинителството, успеал да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи, а осомничениот во меѓувреме му го зел велосипедот, ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале
Основното јавно обвинителство Скопје повело постапка против 53-годишно лице кое е осомничено дека пред три дена на булевар во центарот на главниот град извршил насилство врз 12-годишно дете.

Осомничениот, како што соопштија денеска од Јавното обвинителството на Република Северна Македонија, го нападнал малолетникот удирајќи го со клоци и тупаници по телото, а извадил и нож со кој ги исекол гумите на велосипедот на детето.
Според Обвинителството, 53-годишникот се товари за кривичното дело насилство врз дете вод член 201-а од Кривичниот законик.
Во кусиот опис на делото, се наведува, дека настанот се случил на 11 ноември, на булеварот „Крсте Петков Мисирков“ во центарот на Скопје, каде што додека детето се движело со велосипед било пресретнато од осомничениот кој управувал електричен мотоцикл.
Според Обвинителството, тој без никаков повод и причина агресивно го нападнал малолетникот удирајќи го со клоци и тупаници по лицето и телото.
„Во еден момент извадил и нож со кој замавнал кон детето, а потоа со дршката го удрил по главата“,
се вели во соопштението.
Малолетникот успеал да се оттргне и да побара помош од случајни минувачи, а во меѓувреме осомничениот му го зел велосипедот, ги исекол двете гуми и го фрлил кон булеварот со намера да го оштетат возилата кои поминувале.
По инцидентот, осомничениот со мотоциклот го напуштил местото, а детето било пренесено во Ургентниот центар.
Во соопштението на Обвинителството не е наведено дали и какви повреди се констатирани кај малолетникот.
Надлежен јавен обвинител до судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомничениот бидејќи постојат околности кои укажуваат на опасност од бегство.
