Како ќе реагира пазарот на нафта ќе зависи од тоа дали нападите ќе доведат до продолжено прекинување на сообраќајот низ Ормутскиот теснец
Цената на нафтата на светските пазари од утрово порасна за повеќе од 8 отсто поради стравувањата на трговците дека нападите меѓу Соединетите Американски Држави (САД) и Иран би можеле да излезат од контрола што ќе доведе до големи прекини во снабдувањето.
Меѓународниот превоз е речиси запрен на влезот во Ормутскиот теснец, најважната сообраќајна точка во светот за глобалната трговија со нафта, а стравот од нарушувања веќе ги зголемува глобалните цени на нафтата.

Цената на барел на лондонскиот пазар скокна за повеќе од 8,5 отсто, на 79,10 долари, додека на американскиот пазар, барелот се зголеми за 8,1 отсто, на 72,40 долари.
Врховниот лидер ајатолахот Али Хамнеи и други високи функционери на Исламската Република се убиени во серија воздушни напади на САД и Израел врз Иран, што засега остава сомнежи за тоа кој ќе владее со четвртиот најголем производител на нафта на ОПЕК.
Како ќе реагира пазарот на нафта ќе зависи од тоа дали нападите ќе доведат до продолжено прекинување на сообраќајот низ Ормутскиот теснец.
По нападите на САД и Израел, Иран лансираше ракети кон Израел и неколку други земји во регионот, како и кон Ормутскиот теснец.
„Темпото на закрепнување на сообраќајот низ теснецот и обемот на иранската одмазда се клучни за цената на нафтата во наредните денови“,
пишуваат аналитичарите во својот преглед на состојбата на пазарот.
Сообраќајот на танкери низ Ормутскиот теснец веќе практично е запрен бидејќи бродските компании преземаат мерки на претпазливост.
Според податоците на консултантската компанија „Кплер“, во просек повеќе од 14 милиони барели дневно минувале низ теснецот во 2025 година, што е приближно една третина од вкупниот светски извоз на сурова нафта по море.
Околу три четвртини од тој извоз одат во Кина, Индија, Јапонија и Јужна Кореја.
Аналитичарите пишуваат и дека пазарот може да се соочи со значително нарушување што би можело да ја подигне цената на барелот на лондонскиот пазар за над 120 долари.
„Најлошото сценарио е ирански напад врз саудиската нафтена инфраструктура, проследен со целосно затворање на теснецот“,
велат тие.
Аналитичарите на „Барклис“ проценуваат дека цената на барел на лондонскиот пазар би можела да достигне и до 100 долари, бидејќи пазарот се соочува со закана од прекини во снабдувањето.
„Состојбата е неизвесна во овој момент. Потенцијалното влијание врз пазарите е тешко да се процени“,
напишаа аналитичарите на „Барклис“ во преглед на пазарот.
Инаку, зголемувањето на цената на нафтата беше очекувано дури и пред почетокот на конфликтот.
Најмалку три брода вчера се нападнати во близина на Ормутскиот теснец, за време на одговорот на Иран низ Блискиот Исток на тековниот напад врз него од страна на САД и Израел.
Иран ги предупреди бродовите да не минуваат низ теснецот, кој пренесува околу 20 отсто од светската нафта и гас.
