Зголеменото насилство се заканува со избувнување на нова војна на Блискиот Исток. Поради ова, на финансиските пазари владее неизвесност, па инвеститорите бараат побезбедни засолништа за својот капитал, а тоа се меѓу другото, државните обврзници и валути, како што се доларот и јапонскиот јен
На азиските берзи во понеделникот се тргуваше претпазливо, цените на нафтата силно пораснаа, а доларот и јапонскиот јен зајакнаа додека инвеститорите ги следат вестите за воениот конфликт на Блискиот Исток. Во Австралија утрово цените на акциите пораснаа околу 0,4 отсто, додека на Шангајската берза паднаа за приближно 0,5 отсто. Во Хонгконг не се работи поради ураганот, а во Јапонија и Јужна Кореја поради празници.
Инвеститорите утрово не сакаат поризични инвестиции поради воениот конфликт на Блискиот Исток, откако борците на исламистичката организација Хамас во саботата го нападнаа Израел и убија повеќе од 700 луѓе. Израел возврати со воздушни напади врз Палестинците во Газа во неделата, при што загинаа стотици луѓе од двете страни.
Зголеменото насилство се заканува со избувнување на нова војна на Блискиот Исток. Поради ова, на финансиските пазари владее неизвесност, па инвеститорите бараат побезбедни засолништа за својот капитал, а тоа се меѓу другото, државните обврзници и валути, како што се доларот и јапонскиот јен.
Благодарение на ова, на валутните пазари се зголеми вредноста на доларот во однос на кошничката на валути, по минатонеделниот благ пад. Индексот на доларот, кој ја покажува вредноста на американскиот долар во однос на другите шест најважни светски валути, утрово зајакна за 0,11 отсто, на 106,20 поени.
Доларот зајакна во однос на еврото
Истовремено, курсот на доларот во однос на јапонската валута се лизна на 149,20 јени, додека во петокот вечерта беше 149,30 јени. Сепак, американската валута зајакна во однос на европската, па цената на еврото ослабе за 0,2 отсто, на 1,0565 долари.
Цените на нафтата, од друга страна, драстично пораснаа по минатонеделниот остар пад, бидејќи трговците стравуваат од прекини во снабдувањето поради воениот конфликт на Блискиот Исток. Цената на барелот на лондонскиот пазар утринава скокна за 3,80 отсто, на 87,75 долари, додека на американскиот пазар барелот поскапе за 4,08 отсто, на 86,15 долари.