Опозицијата бара власта веднаш да ги намали драстично парите за луксуз на функционерите
Портпаролката на Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ), Богданка Кузеска, денеска на прес-конференција ја обвини власта за расипништво и аздисано трошење на народни пари, посочувајќи дека само во првите пет месеци од годинава, дел од институциите склучиле договори за мобилна телефонија и интернет во вредност од 2,9 милиони евра.
Според неа, ваквите трошоци се случуваат во време кога граѓаните се соочуваат со економски тешкотии.

„Три милиони евра, пари на граѓаните. Ако се додадат на ова и сумите од сите министерства, Министерство за внатрешни работи, агенции…, бројката е огромна. Во време кога народот нема за леб, инфлацијата расте и го јаде животниот стандард, во време кога луѓето пресметуваат дали да купат лекови или храна. Кога болниците немаат основни средства, пациентите носат завои од дома, нема лекови. Кога родителите во Кочани сами ги лекуваат децата повредени во трагедијата. Додека народот во Македонија страда, власта троши милиони евра за телефони“,
рече Кузеска на прес-конференцијата.
СДСМ бара власта веднаш да ги намали драстично парите за луксуз на функционерите.
„Колку им е доволно на министрите да се најадат, да се напијат, да зборуваат на телефон – на сметка на граѓаните. Народот крпи крај со крај, а функционерите на Мицкоски се луксузираат, па сега уште и со службени телефони. Па, за тоа ли ги задолжија граѓаните со 7 милијарди евра? За ова ли да плаќа нашиот народ?“,
вели таа.
За набавка на мобилни телефони, односно за телефонска претплата за функционери и за вработените во администрацијата во државните, во органите на општините, агенциите, јавните претпријатија, болници, здравствени установи, факултети, средни училишта, за само пет месеци досега се потпишани договори од 175 199 882 денари, или 2,9 милиони евра државни пари.