„Неговата кандидатура претставува не само единство на прогресивните сили на Албанците во Северна Македонија, туку и јасна алтернатива на Скопје, град кој заслужува еднаков развој“, вели Ахмети

Скендер Реџепи-Зејд, пратеник и лидер на Народното движење, ќе биде кандидат за градоначалник на Град Скопје од коалицијата „Европски фронт“. Ова попладнево го објави лидерот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети, на својот фејсбук-профил.
Во објавата, Ахмети истакнува дека одлуката е донесена со целосно единство, по консултации со лидерите на политичките партии кои го сочинуваат „Европскиот фронт“.
„Со заедничка одлука, се договоривме дека наш кандидат за градоначалник на Скопје ќе биде Скендер Реџепи, кој е претседател на политичката партија Народно движење“,
напиша Ахмети.

Ахмети во објавата го опишува Реџепи како личност со долго и докажано искуство во граѓанскиот сектор и граѓанското општество. Тој потенцира дека Реџепи, кој дипломирал на Филозофскиот факултет, моментално е пратеник во Собранието и, како што вели, „бранител на правата на граѓаните и застапник на длабоките политички и социјални реформи“.
„Неговата кандидатура претставува не само единство на прогресивните сили на Албанците во Северна Македонија, туку и јасна алтернатива на Скопје, град кој заслужува еднаков развој“,
додава Ахмети.
Според Ахмети, „Европскиот фронт“ е убеден дека со Скендер Реџепи-Зејд, Скопје ќе добие градоначалник кој ја познава реалноста, ги слуша граѓаните и работи подеднакво за сите.
Досега кандидати за градоначалник на Скопје објавија владејачката ВМРО-ДПМНЕ, нивниот коалициски партнер во Владата, ВЛЕН, и опозициската СДСМ.
Орце Ѓорѓиевски, Башким Бакиу и Каја Шукова се кандидатите со кои Скендер Реџепи-Зејд влегува во трка за градоначалник на Скопје.