Кога се олабавуваат мерките, стануваме помалку претпазливи и со тоа придонесуваме за ширење на вирусот. Но ова може да се менаџира со тоа што навреме ќе ги откриваме случаите и контактите и ќе ги ставаме во изолација, вели Фабио Скано од СЗО за Европа, одговарајќи на новинарско прашање дали некои мерки се преуранети и дали отоворањето на границите ќе придонесе за зголемување на бројот на случаите со ковид-19.
„Отворањето на границите е тешка одлука, но не може да се прави бинарна интерпретација во однос на здравствената состојба. Мора да се балансира, односно треба да обезбедиме рана детекција без експлозивно ширење на заразата, но во исто време ако има потреба да бидеме селективни во однос на мерките кои се спроведуваат. Кога се отвораат границите најважно е да видиме за каква трансмисија се работи, да ги изолираме случаите и да ги ставиме во изолација контактите“,
рече Скано на прес-конференцијата со министерот Венко Филипче.
Тој потенцира дека зголемувањето на бројот на заразени не го гледаме само во Македонија и во регионот, туку и во останатите европски земји каде што имаше надолна насока на кривата и кои почнаа со олабавување на мерките. Тоа, според него, е резултат на мерките, на контролите и на однесувањето на луѓето.
„Овој вирус нема да си замине и колку побрзо го спуштиме гардот, ќе бидеме помалку претпазливи и толку тој побрзо ќе се врати. Но тоа може да се менаџира“,
рече Скано додавајќи дека бројот на заразени ќе расте, но мора да се откриваат случаите навреме.
Целата политика сега треба да биде насочена кон индивидуите, односно на намалување на ризикот на ширење.