Пратеникот на СДСМ, кој во минатото ја извршуваше функцијата министер за земјоделие рече оти последниот скандал со директорот на Платежната агенција кој е кадар на ВМРО-ДПМНЕ, само ја потврдува сликата за заробени институции и политички клиентелизам
Коруптивните шеми и злоупотреби во секторот земјоделство, а кои се поврзани со кадри од ВМРО-ДПМНЕ, сериозно ја доведуваат под прашање европската поддршка за реализција на ИПАРД-3 програмата во вредност од 128 милиони евра, обвини денеска на прес-конференција пратеникот и поранешен министер за земјоделие од редовите на СДСМ, Љупчо Николовски.

Тој вели оти скандалот со директорот на Платежната агенција, Илија Стоилев, кадар на ВМРО-ДПМНЕ, ја потврдува сликата за заробени институции и политички клиентелизам. Токму затоа, според информации со кои располага, вели дека веќе има најава и можно е Европската унија да ги стопира финансирањата во ИПАРД-3 програмата од Европската комисија.
„Во ризик се ставени 128 милиони евра од целата седумгодишна програма, пари кои требаше да бидат двигател на нашето земјоделство. Тоа значи дека нема повеќе нови повици, најавите за новите повици не можат да се отворат, нема нови договори коишто ќе бидат склучени, но исто така и нема исплати за проектите коишто тековно се финансираат. Илјадници земјоделци и агробизнисмени кои ги имаат планирано своите инвестиции на основа на овие средства или веќе реализираат инвестиции, сега се соочуваат со неизвесност, ризик и страв да не ги изгубат овие вложувања. Европската унија разгледува можност за запирање на финансирањето на ИПАРД-3 преку Европската комисија“,
вели Николовски.
Тој рече и оти европските фондови се основен извор за модернизација на производството, набавка на механизација и опрема, развој на преработувачката индустрија и отворање нови капацитети во руралните средини. Со евентуално губење на овие средства, ќе се намали конкурентноста на земјоделството и ќе го успори економскиот развој.
„Секогаш кога ВМРО-ДПМНЕ е на власт, поддршката од Европската унија е под знак прашање. Во 2017 година затекнавме состојба со само 12 проценти искористеност на ИПАРД средствата. За седум години ја подобривме искористеноста до целосно ниво и станавме регионален лидер со над 2.300 реализирани проекти. Сега, за само година и пол, системот е целосно уништен“,
рече Николовски.
Тој кажа и оти уште пред повеќе од една година предупредувал на злоупотреби во ИПАРД-3, вклучувајќи коруптивни практики, партиски унапредувања и притисоци врз професионалците во институциите, и побара целосна морална, политичка и кривична одговорност за сите инволвирани лица и потсетува дека секое нарушување на довербата на европските партнери ја компромитира државата, носи ризик од губење на финансиска поддршка и го забавува евроинтегративниот процес
Претходно денеска, од владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ рекоа оти секој кој ќе биде фатен во корупција и криминал, а притоа ќе има докази за тоа, мора да одговара, а ВМРО-ДПМНЕ нема да ги толерира неправилностите и девијантните однесувања на поединци за кои има сомнеж дека го прекршиле Законот, оти тој е ист за сите.
