Смета дека британскиот крал Чарлс имал важна улога во зајакнувањето на комуникацијата со Трамп, опишувајќи го дека е искрено наклонет кон Украина
Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за „Гардијан“, објавено вчера, рече дека не се плаши од американскиот претседател Доналд Трамп, за разлика од многу западни лидери, кои, како што додаде, се чувствуваат вознемирено поради неговото враќање на светската политичка сцена.

На новинарско прашање дали тој се плаши од Трамп, Зеленски рече дека лично нема причина за тоа.
„Не, не се плашам. Ние не сме непријатели на Америка. Ние сме пријатели. Зошто да се плашиме?“,
кажа тој.
Посочи дека го почитува изборот на американскиот народ:
„Трамп е избран за претседател од својот народ, исто како што јас сум избран од мојот. САД се наш стратешки партнер со години, можеби со векови“,
кажа Зеленски.
Според него, Украина и САД се поврзани со заеднички вредности и борбата против империјалистичките амбиции на Русија.
Ги отфрли тврдењата дека последната средба со Трамп во Вашингтон поминала тензично, посочувајќи дека меѓу нив постои деловен и конструктивен однос.
Смета дека британскиот крал Чарлс имал важна улога во зајакнувањето на комуникацијата со Трамп, опишувајќи го дека е искрено наклонет кон Украина.
Украинскиот лидер ги отфрли обвинувањата дека Трамп ги фрлил картите на фронтот за време на октомврискиот состанок и ги игнорирал барањата на Киев за американски крстосувачки ракети „Томахавк“.
„Тој не отфрли ништо, апсолутно сум сигурен во тоа“,
рече Зеленски, нагласувајќи дека разговорот бил сериозен и дека односите останале коректни.
Потсети дека украинската делегација таму презентирала три клучни барања, како испорака на оружје, заострување на санкциите против Москва и намалување на способноста на Русија да ја бомбардира Украина, со цел да го принуди Владимир Путин да преговара.
Зеленски рече дека Киев има намера да нарача 27 системи за воздушна одбрана „Патриот“ од американски производители, со цел да ја зајакне одбраната на земјата од руски воздушни напади.
Смета и дека европските земји би можеле да и ги дадат на Украина, резервите што ги поседуваат од системите „Патриот“.
Во интервјуто, зборуваше и за тешките руски напади врз енергетската инфраструктура на Украина, што предизвикаа масовни прекини на електричната енергија низ целата земја.
