Има ли воопшто докази за поткрепа на ваквите тврдења, кои само се надоврзуваат на сличните за коронавирусот
Појавата на мајмунски сипаници доведе до масовно рециклирање на теориите на заговор што го измачуваа светот среде пандемијата на коронавирусот. Овој пат, теоретичарите на заговор отидоа чекор подалеку и тврдат дека мајмуните сипаници биле пуштени од лабораторија и дека се поврзани со вакцините против коронавирусот.
Но, имаат ли докази за поткрепа на ваквите тврдења?
Веднаш по избувнувањето на пандемијата, на социјалните мрежи и некои медиуми од Украина, Русија, Кина и САД почнаа да се шират обвинувања дека мајмуните сипаници „протекле“ од лабораторија, па дури и дека оваа болест се користи како биолошко оружје.
Но, и овој пат науката без многу труд ги отфрли овие тврдења.
„Веројатно се работи за премин од животно на човек и тоа е најреалното сценарио“,
вели професорот Питер Хорби, директор на Центарот за пандемиски науки на Универзитетот Оксфорд.
Тој додава дека првиот случај идентификуван во Велика Британија е поврзан со некој кој допатувал од Нигерија. Вирусот циркулира во Африка и ретко е забележан во Европа и САД.

„Значи, што се однесува до идејата дека мајмунските сипаници ‘избегале’ од лабораторијата, нема апсолутно никаква основа за тоа тврдење“,
заклучува професорот Хорби.
Немаат врска со вакцините против коронавирусот
Теоријата за „бегство од лабораторија“ не е единствената. Не помалку е застапена и верзијата дека вакцината „Астра Зенека“ предизвикува мајмунски сипаници. Причината за оваа теорија најверојатно е фактот што оваа вакцина содржи вирус кој се наоѓа кај шимпанзата, но кој е модифициран за да не може да се репродуцира и да се шири.
Секако, и ова тврдење беше побиено. Мајмунските сипаници се предизвикани од сосема поинаков тип на вирус од оној што се наоѓа во вакцината „Астра Зенека“. Всушност, вирусот се наоѓа кај глодачи, а не кај мајмуни.
Нема докази дека е планирана епидемија
Има и такви што тврдат дека сегашната епидемија на мајмунски сипаници е планирана – покажувајќи со прст кон милијардерот Бил Гејтс или американскиот епидемиолог Ентони Фаучи, кои веќе беа цел на многу теории на заговор за време на пандемијата на коронавирусот.
Тие го вперуваат прстот и кон документот што своевремено го објави организацијата за биосигурност со седиште во САД, Иницијатива за нуклеарна закана (НТИ).

Имено, во 2021 година, НТИ спроведе работилница за да ги поттикне лидерите од целиот свет да ја планираат можноста за идни пандемии. Од учесниците беше побарано да работат преку измислено сценарио – „смртоносна, глобална пандемија која вклучува необичен вид на вирус на мајмунски сипаници… што се шири на глобално ниво“.
Но, научниците истакнуваат дека денес не може де факто да избегне ризик од нови пандемии, така што нивното предвидување и планирање само по себе не може да биде сомнително.
Закана од повторен карантин
Последна во низата е теоријата за тоа како повторно ќе мора да одиме во карантин. На социјалните мрежи се шират пораки со кои на следбениците им се советува да се подготват за „карантин поради мајмунски сипаници“ и „тиранијата на мајмунски сипаници“.
„Останете дома, заштитете го вашето здравје, спасете ги животите“,
се тврди во оваа порака, при што се истакнува дека за неколку дена ќе ги слушнеме токму овие зборови од малите екрани, а е проследена со иронична фотографија од мајмун кој вее американско знаме.
Научниците потенцираат дека секако, ни ова не е точно. За да го смират неоснованиот страв, научниците нагласуваат дека ширењето на мајмунските сипаници ќе биде ограничено, потешко се пренесува бидејќи луѓето се заразни само кога ќе се појават симптомите – што го олеснува набљудувањето и изолацијата.