Новиот монарх, синот на кралицата Елизабета Втора, ќе го користи името Чарлс Трети. Со ова име прва во јавноста му се обрати премиерката Лиз Трас
Уништени сме од веста за смртта на кралицата, тоа е огромен шок за нацијата и светот, рече новата премиерка на Велика Британија, Лиз Трас откако официјално беше соопштено дека почина кралицата Елизабета Втора.
Трас, како што предвидува протоколот „Операција Лондон Бриџ“, е првиот член на владата кој се обрати на јавноста, додека на министрите им беше забрането да даваат изјави пред обраќањето на премиерката.
Трас ја опиша Елизабета Втора како „карпа на која е изградена модерна Британија“ велејќи и дека Велика Британија е голема земја како што е денес токму поради кралицата.
Таа, рече Трас, беше лична инспирација за мене, како и за многу Британци.
„Нејзината посветеност на должноста е пример за сите нас“,
рече Трас.
Трас беше прва во јавноста која го нарече синот на кралицата Елизабета Втора, Чарлс, со новото име нарекувајќи го „кралот Чарлс Трети“. Тој автоматски го наследува тронот, а премиерката му вети лојалност.
„Ние му ја нудиме нашата лојалност и посветеност како што неговата мајка ни посвети толку многу, толку долго време“,
рече Трас.
Своето обраќање таа го заврши со „Господ да го чува кралот“ (God save the King).