На новинарска забелешка оти Европската комисија изразува жалење поради употребата на европското знаменце во процедурата за усвојувањето на измените во Кривичниот законик, Ковачевски рече дека во ставот на Брисел никаде не се наведува дека е злоупотребено, туку дека е употребено знаменцето на ЕУ
Сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комнуницирани со Европската Унија (ЕУ), изјави премиерот Димитар Ковачевски откако, одговарајќи на новинарски прашања на настанот во Општина Карпош, беше прашан за коментар за ставот на Европската комисија во врска со усвојувањето на измените во Кривичниот законик што пред една недела беа експресно изгласани во македонското Собрание.
Портпаролката на Европската комисија, Ана Писинеро, вчера во изјава за ТВ 24 изрази жалење поради недостиг на консултации со Европската комисија пред усвојувањето на измените во Кривичниот законик, како и за употребата на европското знаменце во парламентарната процедура.
Коментирајќи го ставот на ЕК, Ковачевски рече дека ако некој разговара со Европската Унија, па дури и на дневно ниво, тогаш тоа е С Македонија бидејќи, како што додаде, заедно со Албанија во моментов го води скринингот.
„Така што, сите процеси што се одвиваат кај нас се на некој начин комуницирани со ЕУ“,
рече премиерот одговарајќи на новинарски прашања.
На новинарска забелешка оти Комисијата изразува жалење поради употребата на европското знаменце во процедурата за усвојувањето на измените во КЗ, Ковачевски рече дека во ставот на Брисел никаде не се наведува дека е злоупотребено, туку дека е употребено знаменцето на ЕУ.
„Европската Унија не кажа дека е злоупотребено, туку дека е употребено европското знаменце, во детали ја прочитав нивната изјава. Се покажа дека законот е веќе донесен и ништо драматично не се случи. Тоа значи дека не бил правен наменски за нешто или за некого туку дека е правен за подобрување на системот“,
додаде премиерот.
Во однос на забелешката на Европската комисија дека измените се изгласани во експресен рок и без поширока јавна дебата, Ковачевски рече дека во државава многупати се забележувало на бавност во процесите, а кога нешто ќе оди со побрзо темпо, според него, не треба да се забележува.
На прашањето како го коментира ставот на Европската комисија оти со измените во Кривичниот законик ќе се влијае на голем број случаи на висока корупција, премиерот одговори со прашање:
„А колку време биле водени тие случаи на висока корупција? Колку години? Деценија? И што се случило за таа деценија? Дали некој од нив бил разрешен?“,
рече Ковачевски.
„Еве, јас ќе ви кажам еден случај. Поранешна директорка која била дел од обвинение во една компанија кога почнал случајот имала 55 години и тогаш ѝ бил одземен пасошот. Сега таа има 65 години, пензионирана е, фирмата не постои, а судскиот случај не е решен и таа е сè уште без пасош. Значи, со темпото со кое се води овој случај таа веројатно ќе го заврши својот живот без пасош, без судска разрешница и нема да може никогаш да излезе надвор од државата. Ете, такви судски случаи има“,
додаде премиерот.
Говорејќи во оваа насока, тој кажа дека со измените во Кривичниот законик со кои се предвидува порано застарување на делата ќе се влијае на ефикасноста и ефективноста на правосудниот систем, а такви примери, како што рече, има и во законодавствата на други земји членки на Европската Унија.
„Ако го погледнете германското законодавство, тогаш членот што кај нас се коментираше дека дел од него сега го нема, баш таков има и во германското законодавство. Ако ја погледнете висината на казните и ја споредите со Словенија, тогаш ќе видите дека се на исто ниво. Тоа што ние претходно имавме закон во кој казните беа, би рекол од некое комунистичко време и беа направени од еден Дарт Вејдер на македонското судство, не значи дека тие работи не треба да се променат“,
изјави Ковачевски.
Изјавата на премиерот следува откако вчера од Европската комисија во изјава за ТВ 24 за првпат ги прокоментираа измените во Кривичниот законик. Оттаму изразија загриженост за усвојувањето на измените велејќи дека тие ќе влијаат на голем број случаи на корупција на високо ниво.