Директорот на болницата, д-р Валентин Димитров, во изјава за бугарската телевизија Нова вели дека ниту еден од пациентите повеќе не е на механичка вентилација и оти дел од нив користат маска за кислород
Сите осум повредени лица од пожарот во Кочани, кои беа транспортирани и згрижени во болницата „Пирогов“ во Софија, Бугарија, се екстубирани, а само дел од нив користат маска за кислород, вели директорот на болницата, д-р Валентин Димитров. Тој рече дека и покрај овие позитивни вести, сепак, ситуацијата мора да се мониторира и понатаму бидејќи овој тип изгореници и повреди се тешки и бараат долг третман оти секогаш постои ризик по живот.
„При таквиот вид повреди, кои ги зафаќаат горните и долните дишни патишта, бидејќи вдишувале отровни гасови, бактерии, прашина, чад – ова е амалгам на штетни материи и тоа станува средина за развој на инфекции“,
рече д-р Димитров.
Тој изјави и оти нивната желба и цел е да хоспитализираните побрзо закрепнат и да се вратат кај своите семејства, но и дека не можат со сигурност да кажат колку долго ќе трае процесот на лекување. Зборувајќи за големата крводарителска акција за повредените, која беше организирана веднаш по нивниот прием во болницата и за која имаше огромен одзив на луѓе, Димитров рече дека одамна не видел толку брз и спонтан одговор, но и толкава желба да се помогне и дополните дека доколку има потреба крводарителската акција ќе продолжи.
„Самиот третман е многу скап бидејќи вклучува многу биопроизводи, многу антибиотици и многу специфична опрема, но во конкретниот случај не размислуваме за парите. Прашањето колку чини и како ќе се плати воопшто не беше на дневен ред. Болницата е обезбедена со сè што е потребно“,
рече д-р Димитров.
Тој кажа и оти роднините добиваат информации за состојбата на повредените еднаш дневно, а информација за нивната состојба редовно добиваат и македонските власти.
Пред неколку дена, „360 Степени“ ја посети болницата „Пирогов“ каде што разговаравме со директорот д-р Валентин Димитров, кој рече дека изгорениците на горните и долните патишта кои ги имаат пациентите ќе имаат потреба од многу долга терапија. Во Софија разговаравме и со екипите на Итната помош од Софија, меѓу кои и персонал со потекло од Кочани и други градови во Македонија, а кои беа меѓу првите кои дојдоа во Скопје за да транспортираат пациенти во Бугарија. Се сретнавме и со бугарскиот пратеник Манол Пејков, кој успеа сам да организира акција и да собере околу 40 илјади евра за семејствата на настраданите.