Тој вели дека тоа не мора да се случи во исто време бидејќи системот не функционира така, но додаде оти таму треба да бидеме заедно
Еврокомесарката Марта Кос во својот говор рече дека кога станува збор за Западниот Балкан премногу се зборува за политика, за кластерите, поглавјата, критериумите и преговорите, а всушност се заборава дека регионот е многу повеќе од тоа

Помалку гледање кон минатото, а повеќе кон иднината бидејќи тоа е она што може да не обедини. Генералната порака што верувам дека треба да ја испратиме е дека ние на Западниот Балкан треба да работиме заедно. Ова го кажа министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски на синоќешниот настан во Брисел насловен „Здравица за добрите соседи: Еве колку се добри Западните Балканци…“, а кој беше под покровителство на еврокомесарката за проширување, Марта Кос.
Во своето обраќање, Муцунски потенцираше дека процесот на пристапување не е за една или две земји, туку цел која треба да ја оствари целиот регион заедно.
„Ниедна држава во регионот не треба да биде изолирана од полноправно членство во ЕУ. Од нас зависи да работиме врз основа на стандарди, критериуми и да гледаме кон иднината“,
вели Муцунски.
Тој вели дека тоа не мора да се случи во исто време бидејќи системот не функционира така, но додаде оти таму треба да бидеме заедно.
Настанот беше посветен на чествување на културното богатство, разновидноста и европската иднина на Западниот Балкан, со посебен акцент на една од најсимболичните традиции во регионот – уметноста на правење на вино.
Муцунски во обраќањето посочи дека македонското грозје често е дел од вината на другите земји во регионот.
„Исклучително сме горди што многу земји во регионот го нарекуваат виното свое, а дел од него е македонско. Кога работиме заедно, можеме да го направиме најдобриот производ. Производот штосите го сакаат и што е вистински европски“,
додаде тој.
Еврокомесарката Марта Кос во својот говор рече дека кога станува збор за Западниот Балкан премногу се зборува за политика, за кластерите, поглавјата, критериумите и преговорите, а всушност се заборава дека регионот е многу повеќе од тоа. Таа нагласи дека една од задачите што си ги поставила пред себе за наредниот период е да работи на тоа државите од Западниот Балкан да ја зголемат препознатливоста кај земјите членки на ЕУ.
Таа додаде оти знае колку земјите од Западен Балкан можат да бидат страствени и колку љубов вложуваат во процесот на пристапување, за да и докажат на ЕУ дека навистина сакаат да бидат дел од неа.
„Мислам дека понекогаш треба да им кажеме: Не мора да го правите тоа. Вие сте Европејци. Вие сте дел од нас. Она што го правиме сега е формалност и тоа ми дава енергија да работам со вас“,
рече Кос.
Еврокомесарката најави дека по затворањето на техничкиот дел од преговорите за членство на секоја од земјите кандидати, ќе се искачи на највисокиот планински врв во таа држава. За Македонија, тоа ќе биде врвот Кораб.
„Не може секој да се искачи до врвот, но ако не се обидеш, никогаш нема да успееш. Тоа е сликата што сакам да ја претставувам за земјите кандидати. Да, тие сакаат да станат членки и работат чекор по чекор, но тоа не може да се случи преку ноќ. Тоа е и мојата порака вечерва. Ве молам продолжете натаму“,
им порача Кос на земјите од регионот.
