Првообвинетиот Дејан Јованов, сопственикот на „Пулс“, на прашањето на судијката Диана Груевска-Илиевска дали го разбира обвинението што му се става на товар, одговори дека знае за што е обвинет, но оти не се чувствува виновен за овие кривични дела што му се ставаат на товар
Сите 35 обвинети физички лица и претставниците на трите фирми за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар.

Речиси сите од нив, изјаснувајќи се за вината, истовремено упатија сочувство до семејствата на загинатите, а на повредените им посакаа што побрзо оздравување.
Првообвинетиот Дејан Јованов, сопственикот на „Пулс“, на прашањето на судијката Диана Груевска-Илиевска дали го разбира обвинението што му се става на товар“ одговори:
„Знам, и јасно ми е за што сум обвинет. Не се чувствувам виновен за овие кривични дела што ми се ставаат на товар“.

Неговиот син, Михаил Јованов, кажа дека не се чувствува виновен за делата што му се ставаат на товар.
Братот на Дејан Јованов, Тодор Јованов, се изјасни дека не се чувствува виновен и истакна дека е родител на повредено дете.
Обвинетата Милка Едровска кажа дека исто така не се чувствува виновна. И таа изрази сочувство до семејствата на загинатите додавајќи дека ја знае нивната билка.
Обвинетиот Огњан Георгиев изрази длабоко сочувство до родителите и посака брзо оздравување на повредените.
„Јас не се чувствува виновен, не знам зошто сум обвинет и не знам што барам тука, јас сум пензионер и да имам некакво дело, моето дело е застарено. Јас немам никаква вина и треба да сум слободен, а сум најверојатно обвинет за да бидам некако на број, да не има тука што повеќе. По излагањето на мојот адвокат, сакам судот да го земе во предвид неговото излагање и да донесе одлука дека треба да бидам ослободен”,
рече тој пред судот.
Љупчо Стаменков кажа дека сака да се поклони пред починатите.
„Не се чувствувам виновен, не знам зошто се води предмет против мене“,
се изјасни тој.
Дека не чувствува вина се изјасни и обвинетиот Николчо Гоцев. Ексградоначалникот на Кочани, Ратко Димитров кратко кажа дека не се чувствува виновен.
Николчо Илиев, исто така еден од обвинетите поранешни градоначалници на Кочани, рече:
„Ја користам оваа можност, и покрај тоа што бев на погребот на децата, да изразам длабоко сочувство за семејствата на починатите. Не се чувствувам виновен“.
Љупчо Папазов, исто така ексградоначаник на Кочани во чиј мандат се случи трагедијата, кажа дека не ги разбира мотивите да биде дел од, како што го нарече, вакво конструирано обвинение.
„Не може да се избегне селективноста во обвинението. Не се чувствувам виновен”,
кажа тој.
Обвинетиот Јане Јанчевски изрази сочувство и истакна: „Овде сите заедно се надевам дека сме дојдени да ја побараме правдата, да не се осудуваме пред време, не се чувствувам виновен, го разбирам обвинението“.
Дека не се чувствува виновен кажа и Лазар Захариев.
„Бев затекнат во објектот, три и пол часа помагав, направив сè што можам“,
кажа обвинетиот Ивица Грозданов, кој исто така кажа дека не се чувствува виновен.
„Ние го ризикувавме нашиот живот да спасиме што е можно повеќе луѓе“,
рече Мартин Ѓорѓиев кој бил дел од обезбедувањето и исто така се изјасни дека не чувствува вина.
Обвинетиот Стојанчо Димитриев, отфралајќи вина за настанот, додаде дека чувствува голема болка и тага.
„Ми загинаа другари, пријатели и роднини, направив сè што можев, криво ми е што не успеав да спасам што е можно повеќе животи, ризикувајќи го и својот живот“,
рече тој.
Ексдиректорот на Дирекцијата за заштита и спасување и актуелен министер рече дека не се чувствува виновен, а за обвинението кажа дека е политички мотивирано, а доказите се правно неосновани.
Беким Максути, кој е исто така ексдиректор на Дирекцијата за заштита и спасување, рече дека обвинението нема никакви директни дејствија кои тој ги презел и се поврзуваат со настанот. Рече дека не се чувствува виновен.
Дека не се чувствуваат виновни се изјаснија и обвинетите Џеват Селмани и Љупчо Грнчиштанов.
Идентично се изјасни и ексминистрите за економија Ваљон Сараќини и Крешник Бектеши.
Бектеши изрази сочувство до семејствата на загинатите и побрзо оздравување на повредените. Дека не чувствуваат вина се изјаснија и Џеваир Камбери, Шофкет Хазари и Зоран Николовски.
Обвинетите Беким Хаџиу, Арлинда Касапи, Миле Ампов, Блашка Ефтимова се изјаснија дека не се виновни. Обвинета Весна Кузмановска рече дека не се чувствува виновна. Низ солзи изрази сочувство и истакна дека болката е голема.
Дека не чувствува вина се изјасни и Размена Чекиќ-Дуровиќ.
Идентично се изјасни и сопственикот на агенцијата за обезбедување „Рубикон“, Александар Нацев.
Правните лица „ММММ Кафе“ ДООЕЛ, „Рубикон секјурити“ и „Венци проект“ истакнаа дека не го признаваат обвинението.
Рочиштето продолжи со воведни говори на одбраната.
Поврзани вести:
- Во ќелијата на Џеваир Камбери, обвинет за „Пулс“, се најдени 13 мобилни телефони и лаптоп
- Судот го одложи утрешното рочиште за „Пулс“, следното го закажа за 2 декември
- Денеска нема да има изјаснување за вина на обвинетите во „Пулс“, дел не го добиле обвинението
- (ВИДЕО) Родители на загинати во „Пулс“ вербално „нападнаа“ адвокати од Кочани: За колку пари ги браните убијците на нашите деца
- Хаотични докази, ново обвинение и недобиени материјали – одбраната во „Пулс“ со бројни забелешки до Обвинителството
- Мора да има правда за нашите деца, судијката и Обвинителството ни дадоа надеж – вели мајка на загинат во „Пулс“
