„Пред нас стои организирано и злосторничко здружување на кое државата им го доверила производството на електрична енергија. Наместо чесно да ја исполнат својата должност и да се оддолжат на државата што им поклонила верба да раководат, избрале да злоупотребат. Ова е удар врз граѓанинот кој со секоја платена сметка верува дека системот за производство на електрична енергија функционира“, рече обвинителката на ОЈО ГОКК, Наташа Поп Трајкова во воведните зборови
Прв меѓу обвинетите е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој, во физичка смисла, не седна на обвинителната клупа бидејќи се наоѓа во бегство и е недостапен на органите на прогонот. Нему, како што одлучи денеска судечкиот совет со кој претседава судијката Даниела Димовска, ќе му се суди во отсуство
Сите обвинети во случајот „Адитив“ на денешното рочиште од судскиот процес што почна денеска се изјаснија дека не се чувствуваат виновни за кривичните дела што им се ставаат на товар, а се однесуваат на криминал во државната компанија „Електрани на Северна Македонија“ (ЕСМ), тежок 6,5 милиони евра.

Станува збор за 31 физичко и пет правни лица, меѓу кои се поранешни високи функционери од енергетскиот сектор.
Прв меѓу обвинетите е поранешниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски, кој, во физичка смисла, не седна на обвинителната клупа бидејќи се наоѓа во бегство и е недостапен за органите на прогонот. Нему, како што одлучи денеска судечкиот совет со кој претседава судијката Даниела Димовска, ќе му се суди во отсуство.
Неговата адвокатка Андријана Димитрова на почетокот на денешното рочиште бараше да се одложи бидејќи, како што кажа, ќерката на Ковачевски ја ангажирала вчера. Сепак, судот оцени тоа да продолжи со воведни зборови и со изјаснување на обвинетите околу наводите во обвинителниот акт и дали се чувствуваат виновни за делата кои им се ставаат на товар.
Сите категорично останаа на изјавите дека не се чувствуваат виновни и покрај поуката од судијката дека може да признаат вина за да се скрати постапката, бидејќи има многу обвинети.
Обвинителката на Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Наташа Поп Трајкова, во воведните зборови кажа дека има цврсти докази, со кои ќе ја докаже не само вината на обвинетите, туку, како што рече, и моралната и институционална распаднатост на АД ЕСМ во времето кога тие раководеле со државната компанија.
„Ќе ја докажеме и моралната и институционална распаднатост во АД ЕСМ во период кога обвинетите управувале со правното лице. Пред нас стои организирано и злосторничко здружување на кое државата му го доверила производството на електрична енергија. Наместо чесно да ја исполнат својата должност и да се оддолжат на државата што им поклонила верба да раководат, избрале да злоупотребат. Ова е удар врз граѓанинот кој со секоја платена сметка верува дека системот за производство на електрична енергија функционира“,
рече Поп Трајкова.
Дополнително таа кажа оти ќе докаже и дека набавуваниот адитив за јаглен во местените тендерски постапки предизвикале штетни последици врз здравјето на граѓаните.
„Ќе докажеме дека јавниот интерес бил свесно запоставен, а набавениот адитив предизвикал и штетни последици по здравјето на граѓаните. Набавката на адитив немала за цел да се обезбедат услови, туку да се стекне противправна имотна корист“,
рече таа.
Според Обвинителството, обвинетите преку пререгистрација на фирми и договарање меѓу економски оператори местеле тендери за набавка на адитиви за јаглен за потребите на РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, со што одредени компании добиле договори и оствариле имотна корист од над 400 милиони денари или околу 6,5 милиони евра.
Истрагата за случајот „Адитив“ беше отворена на 10 декември лани по опсежна акција на полицијата и Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција. Траеше околу три месеци, по што на 27 февруари ОЈО ГОКК го поднесе обвинението против 31 физичко и пет правни лица.
Обвинети во случајот се Васко Ковачевски, Васко Стефанов, Маја Јорданова, Адријан Муча, Данчо Стојановски, Небојша Стојановиќ, Пеце Матевски, Милица Стојановиќ, Пецо Стојановски, Мирко Стојановиќ, Ранко Стојановиќ, Драган Силјановски, Пеце Чалески, Зоран Наумовски, Снежана Макариоска, Мира Василевска, Владо Мицески, Стојан Мицкоски, Неџбудин Нуредини, Драган Чакароски, Дијана Савеска, Влатко Алексовски, Александра Стојановска, Игор Алексовски, Велимир Алексовски, Сузана Алексовска, Тошо Матески, Златко Трпески, Васко Јосифовски и Александар Пасков.

На обвинетиот Ковачевски ќе му се суди во отсуство бидејќи е недостапен за органите на прогон. Додека, за обвинетиот Саша Крстевски, судот денеска донесе одлука постапката да се води одвоено, поради здравствени причини.
Меѓу обвинетите фирми се „Хем Алијанс ДООЕЛ Неготино“, „Дади Трејд ДООЕЛ Велес“, „Контракси компани“ и стоматолошка ординација од Велес. Нивните претставници денеска, исто така, изјавија дека правните лица немаат вина.
Следното рочиште судијката го закажа за 26 јуни, на кое воведни зборови ќе дава одбраната на обвинетите. Таа најави и брза динамика на процесот, со рочишта што ќе се одржуваат секој работен ден.
Инаку, судскиот процес за предметот „Адитив“ почна во дигиталната судница во рамките на Казнено-поправната установа „Идризово“, која овозможува и просторни и технички услови за постапката со голем број обвинети.
Директорот на Управата за извршување санкции, Александсар Пандов, пред почетокот денешното рочиште во изјава за медиумите пред објектот на дигиталната судница потсети дека таа е направена во 2020 година, но досега била користена само еднаш за судење во 20022 година и оттогаш била неактивна, сè до денеска.
„Ова е буквално европска судница која заслужува многу почесто да биде користена. Оттука би сакал да ги повикам сите останати судии, особено од поголемите случаи, каде има поголем број на обвинети да ја користат во иднина“,
рече Пандов.
Одговарајќи на новинарско прашање, тој рече оти верува дека во оваа судница ќе се одвива и судењето за пожарот во т.н. кабаре „Пулс“ во Кочани, во кој загинаа 62 лица, а речиси 200 беа повредени.
Во истрагата за трагедијата во Кочани досега се осомничени речиси 70 физички и три правни лица, поради што речиси повеќе од извесно е дека постапката ќе резултира со обвинителен акт против голем број лица, што уште сега го отвори прашањето за просторот и местото каде ќе се одвива судењето.