Прашан дали ќе има поедноставување на начинот за плаќање на казните кога системот ќе стане целосно оперативен, тој рече дека техничкиот тим што работи на него размислува за воведување посебна апликација преку која ќе се врши плаќањето на глобата
За тоа дали ќе има праг на толеранција во однос на дозволената брзина, односно ако во градските средини е дозволено да вози со брзина од 50 километри на час, системот да дозволува извесна отстапка, Топаловски не беше конкретен во одговорот, но рече дека ќе се разгледаат искуствата и практиките во другите европски градови
Началникот на Секторот за внатрешн работи (СВР) Скопје, Сашо Топаловски, вели дека системот „Безбеден град“, кој одброи точно една недела откако почна со тест-периодот, ги снима и табличките во боја што ги имаат службените возила на институциите, но, според него, засега не се знае дали некои од нив ќе бидат ставени на листа на возила за кои ќе има исклучоци, како што тоа, на пример, би било со специјализираните возила на противпожарните служби или на Итната помош кога интервенираат на терен.

Што се однесува до возилата кои се движат со полициска придружба, односно т.н. возила од ВИП-карактер, со кои по службена должност се превезуваат носителите на највисоките државни функции, според началникот, за нив системот се подразбира дека не треба да се вклучува, затоа што се движат под посебен сообраќаен режим.
„Мислам дека се снимаат одлично возилата со службени таблички со црвена боја на системот. Системот не прави разлика по боја и ги документира и нив. Искрен да бидам, не знам дали друг тип возила ќе се ставаат на листата, затоа што возилата што се од ВИП-карактер, зборуваме за лицата што имаат полициска асистенција при превезување, тие користат звучно-светлосна сигнализација, така што нема потреба системот да се вклучува за нив, затоа што за нив секако има посебен режим на сообраќај од безбедносни причини. Така што, не знам дали ќе има исклучоци“,
рече Топаловски во вечерашното гостување во централниот Дневник на ТВ Сител, прашан дали службените возила на институциите со таблички во боја се регистрираат од системот „Безбеден град“ и дали за нив би имало евентуални исклучоци во однос на казнувањето за сторен сообраќаен прекршок.
Началникот на СВР Скопје рече дека она што е важно е сите да возат безбедно, а исклучоците ќе се утврдуваат во тек, како што ќе се надградува системот.
Говорејќи во овој контекст, тој го спомена случајот со министерот за внатрешни работи, кој викендов преку социјалните мрежи информира дека добил опомена од системот „Безбеден град“ за возење еден километар на час побрзо од дозволената брзина додека со приватно возило патувал на конгресот на ВМРО-ДПМНЕ во Кавадарци.
„Го слушнавме и министерот, кој пред некој ден кажа дека никој нема да биде исклучен од системот. Исклучоците за коишто зборуваме ќе ги решаваме, но правилото е дека сите мора да возат безбедно“,
рече Топаловски.
Прашан дали ќе има поедноставување на начинот за плаќање на казните, кога системот ќе стане целосно оперативен, тој рече дека техничкиот тим кој работи на него размислува за воведување посебна апликација преку која ќе се врши плаќањето на глобата.
„Тоа е прашање околу кое размислуваме и бараме решение. Ни стојат на располагање процедурите што сега ги имаме – треба да стигне прекршочниот налог и потоа одите во банка да го платите. Многу граѓани имаат апликации (на мобилните телефони) преку кои можат да платат. Една голема категорија граѓани, пак, не верува во тој начин на плаќање и оди во банка, што ќе мора да го направи и во овој случај. Размислуваме за една специјализирана апликација каде што ќе има број што ќе го добиете и кој ќе биде единствен за плаќање на таа казна“. Техничарите размислуваат за една таква апликација“,
изјави началникот на СВР Скопје додавајќи дека, сепак, првин треба да профункционира целиот систем, на кој работат повеќе институции.

За тоа дали ќе има праг на толеранција во однос на дозволената брзина, односно ако во градските средини е дозволено да вози со брзина од 50 километри на час, системот да дозволува извесна отстапка, Топаловски не беше конкретен во одговорот, но рече дека ќе се разгледаат искуствата и практиките во другите европски градови.
„Како што европските градови додале свои параметри за да има толеранција, така ќе се случи и кај нас. Некогаш е добро да знаеме дека има толеранција, но понекогаш е подобро да не знаеме, затоа што на нас ни се важни статистиките што значат смирен сообраќаен режим“,
кажа началникот на СВР Скопје.
А статистичките податоци што, во овој контекст, ги наведе тој на крајот од интервјуто, како што кажа, покажуваат дека во првата една недела од декември, откако почна тест-периодот на „Безбеден град“, бројот на сообраќајни несреќи во Скопје е намален во споредба со истиот период минатата година.
Така, според Топаловски, ако лани во првата недела од декември имало 34 сообраќајни несреќи, изминатата недела оваа година биле регистрирани 24.
Бројката на сообраќајќи со телесни повреди за двата анализирани периоди е иста – 26, но ако лани во првата недела од декември имало четири сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди, сега таа бројка е нула.
„Со последица смрт лани сме имале три, сега имаме нула. Или ако споредуваме со претходниот месец (ноември) од оваа година, имаме 39 со материјална штета, сега се 24. Шест со тешки телесни повреди во истиот период претходниот месец, денес нула. Со последица смрт една во претходниот месец, сега имаме нула. Вкупно 80 сообраќајни несреќи претходниот месец, сега имаме 51, што е намалување за 36,23 проценти“,
рече началникот на СВР Скопје.
