Во моментов не е познато каде се наоѓа претседателот на Сирија, Башар ал Асад. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија за него соопшти дека полетал од Дамаск и си заминал рано на 8 декември. Не е наведено каде полетал Асад
Во меѓувреме, лидерот на најголемата бунтовничка група во Сирија им забрани на своите борци да се приближуваат до државните институции, велејќи дека тие засега ќе останат под надзор на премиерот на земјата
Сириските бунтовници објавија дека ја презеле контролата врз главниот град Дамаск, прогласувајќи го за „слободен“, откако започнаа офанзива која брзо напредуваше низ целата земја во последните неколку денови.
„Дамаск сега е ослободен од тиранинот Балшар ал Асад (претседателот на Сирија н.з.)“,
објавија бунтовничките сили во Сирија на социјалните мрежи и додадоа:
„За раселените ширум светот, ве очекува слободна Сирија.“
Во моментов не е познато каде се наоѓа претседателот на Сирија, Башар ал Асад. Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Британија за него соопшти дека полетал од Дамаск и си заминал во раните утрински часови на 8 декември. Не е наведено каде полетал Асад.
Повикувајќи се на извори запознаени во активностите на сириските бунтовници, Си-ен-ен објави дека тие се во активна потрага по Асад. Разговараат со сириски воени офицери и разузнавачи кои би можеле да имаат сонанија за движењата на сирискиот претседател.
Во меѓувреме, лидерот на најголемата бунтовничка група во Сирија им забрани на своите борци да се приближуваат до државните институции, велејќи дека тие засега ќе останат под надзор на премиерот на земјата.
„Јавните институции ќе останат под надзор на премиерот додека формално не се предадат“,
рече Абу Мохамад ал Голани, водачот на бунтовничката група Хајат Тахрир ал-Шам во објава на социјалните мрежи.
Неговите коментари уследија откако сирискиот премиер Мохамед Гази ал Џалали рече дека ѝ подава рака на опозицијата, додавајќи дека сака да го гарантира функционирањето на државните институции.
„Ние веруваме дека Сирија е за сите Сиријци, дека земјата е на сите нејзини синови и дека може да биде нормална земја која гради добри односи со соседите и светот без да влегува во регионални сојузи и блокови“,
рече премиерот на Сирија, Ал Џалали, и додаде дека е во Дамаск и не побегнал.
Освен за ослободување на Дамаск, водачот на најголемата бунтовничка група во Сирија, Хајат Тахрир ал-Шам, доцна вчера изјави дека се во последните моменти од ослободувањето на Хомс, град со 775 000 жители.
Советот за безбедност на Обединетите нации, САД, Велика Британија, Канада и Европската Унија ја сметаат Хајат Тахрир ал-Шам за терористичка група.