Според Сириската опсерваторија за човекови права, повеќе од 300 луѓе вклучително и најмалку 20 цивили, се убиени од почетокот на офанзивата која започна во средата
Сириската армија се повлече од градот Алепо по офанзивата на бунтовниците кои се противат на владеењето на претседателот Башар ал Асад. Војската вчера потврди дека бунтовниците влегле во голем дел од градот и најави дека ќе изведе контранапад.
Во синоќешниот говор, како што пренесува Би-би-си, Асад вети дека ќе ги брани стабилноста и територијалниот интегритет на Сирија од сите терористи и нивните поддржувачи.
„Земјата е способна, со помош од пријателите и сојузниците, да ги порази и елиминира, без разлика колку се силни нивните терористички напади“,
рече Асад.
Според Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија, повеќе од 300 луѓе, вклучително и најмалку 20 цивили, се убиени од почетокот на офанзивата, која започна во средата.

Офанзивата е најголемата воена акција против сириската влада во последниве години и првпат бунтовниците се борат против силите на претседателот Башар ал Асад во самиот Алепо, откако сириската армија со помош на Русија и Иран ги протера во голема офанзива во 2016 година.
Конфликтот во голема мера е во мирување откако беше договорен прекин на огнот во 2020 година, но опозициските сили ја задржаа контролата врз северозападниот град Идлиб и поголемиот дел од околната провинција.
Идлиб се наоѓа на само 55 километри од Алепо, кој и самиот беше упориште на бунтовниците сè додека не падна во рацете на владините сили во 2016 година.