Сирија сега ќе биде 90-тата земја што ќе се приклучи на глобалната коалиција, која има цел да ги елиминира преостанатите елементи на „Исламска држава“ и да го запре протокот на странски милитанти кон Блискиот Исток

Сирија ќе се приклучи на меѓународната коалиција за борба против групата Исламска држава, што означува промена во надворешната политика на САД на Блискиот Исток, пишува Би-би-си повикувајќи се на потврда од висок функционер на администрацијата на Трамп.
Објавата доаѓа откако претседателот Доналд Трамп се сретна со сирискиот претседател Ахмед ал-Шара во Белата куќа што е прва таква посета од сириски лидер во историјата на земјата.
Во интервју за специјалниот извештај на „Фокс њуз“, Ахмед ал-Шара вели дека посетата е дел од „нова ера“ во која земјата ќе соработува со САД.
Трамп ја изрази својата поддршка за Ахмед ал-Шара, кој до неодамна беше прогласен за терорист од страна на американската влада.
Сирија сега ќе биде 90-тата земја што ќе се приклучи на глобалната коалиција, која има за цел да ги елиминира преостанатите елементи на Исламска држава и да го запре протокот на странски милитанти кон Блискиот Исток.
По состанокот, се додава во написот на Би-би-си, висок функционер на администрацијата, исто така, потврдил дека Министерството за финансии на САД, заедно со министерствата за надворешни работи и трговија, ќе објават нови мерки за укинување на економските ограничувања за Сирија и ќе обезбедат „јасност во усогласувањето за инвеститорите“.
Како дел од мерките, администрацијата, исто така, издава 180-дневна суспензија на законот кој од 2019 година ја санкционираше поранешната сириска влада.
Зборувајќи со новинарите во Овалната соба неколку часа по состанокот, Трамп вели дека сака „да ја видиме Сирија како земја што е многу успешна“.
„И мислам дека овој лидер може да го направи тоа. Навистина мислам“,
додаде тој.
Дипломатските односи меѓу Сирија и САД се суспендирани од 2012 година, иако САД сега ќе ѝ дозволат на Сирија повторно да ја отвори својата амбасада во Вашингтон.
Ова е трет состанок меѓу двајцата лидери, по оној во мај на маргините на Советот за соработка во Заливот и вечерата за време на Генералното собрание на ОН во септември.
Шара, порано познат како Абу Мохамед ал-Џулани, стана претседател на Сирија во јануари откако бунтовничките сили предводени од Хајат Тахрир ал-Шам (ХТС) го соборија Башар ал-Асад во молскавична офанзива.
Пред четири дена Велика Британија соопшти дека ги укинала санкциите врз сирискиот претседател Ахмед ал-Шара, еден ден откако Советот за безбедност на Обединетите нации го стори истото.
Советот за безбедност на ОН ги укина тие мерки ден претходно, наведувајќи го недостатокот на активни врски меѓу ХТС и „Ал Каеда“. Овој потег дојде пред планираната средба на Шара со Трамп во Белата куќа.
