Грозданоски во објава на својот фејбук-профил јавно изразува поддршка за неговиот татко, за кој тврди дека со години совесно, чесно и пожртвувано ја извршувал својата лекарска професија.

Божидар Грозданоски, син на лидерот на организацијата „Христијанско братство“, Жарко Грозданоски, кој е уапсен како осомничен за убиство на 73-годишен охриѓанец, обвинува дека неговото семејство трпи медиумски линч.
Грозданоски во објава на својот фејбук-профил јавно изразува поддршка за неговиот татко, за кој тврди дека со години совесно, чесно и пожртвувано ја извршувал својата лекарска професија.
„За жал, наместо разбирање и достоинство, сведоци сме на медиумски линч кој е најмалку потребен токму сега, кога поминуваме низ сериозна и чувствителна ситуација. Притоа, неправедно се занемаруваат стотиците луѓе на кои им помогнал, грижата што ја дал и животите кои ги спасил“,
пишува Грозданоски.
Тој додава дека брвенчани и тетовчани, а и Македонија многу добро знаат кој е Жарко, не само како доктор, туку и како човек.
Поддршка за Жарко Грозданоски дадоа и членови на неговата организација „Христијанско братство“.
Јосип Македонски Мицевски во видеообјава на Фејсбук вели дека членовите на братството цврсто стојат зад Грозданоски.
„Ние како членови на Христијанско братство цврсто стоиме зад братот Жаре и ве молиме не го осудувајте човекот пред време, се додека не се докаже спротивното“,
вели Мицевски.
Грозданоски беше уапсен во петокот откако претходно во МВР било пријавено дека на улицата „Нада Филева“ во Охрид, во својот дом, без знаци на живот е пронајден К.М. (76).
За случајот се огласија и од Обвинителството од каде бараат на Грозданоски да му биде определена мерка притвор оти станува збор за тешко кривично дело за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години или доживотен затвор, што го прави ризикот од бегство значителен, а од извршувањето на делото осомничениот веќе презел дејствија за прикривање на трагите.
Во соопштението на Основното јавно обвинителство се наведува оти 53-годишниот Жарко Грозданоски брутално го убил 76-годишниот Климе Митрески во неговиот дом, со цел да го спречи во намерата да го раскине договорот за доживотна издршка преку кој осомничениот требало да наследи големо богатство од сега починатиот.
Во описот на случајот од Обвинителството се вели дека по кратка вербална расправија околу одлуката за раскин на договорот, тој од зад грб физички го нападнал, го совладал и го удирал со боксови неколку пати во главата, притоа држејќи ги устата и носот на оштетениот, со што му го спречил дишењето и кај него предизвикал смрт. Откако се уверил дека жртвата не дише, го напуштил местото.
Инаку, 53-годишниот Жарко Грозданоски е анестезиолошки техничар од универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ, во одделот за анестезија, реанимација и интензивно лекување. Тој е лидер на организацијата „Христијанско братство“ и против него во 2019 година е поднесена кривична пријава за упатување смртни закани кон тогашниот премиер Зоран Заев. Тој во видеообраќање објавено на социјалните мрежи, освен за Заев, и за експремиерот Никола Груевски вели дека е предавник.
Дел од членовите на организацијата „Христијанско братство“, меѓу кои и Грозданоски, учествуваа во протестите што кулминираа со упадот во Собранието на 27 април 2017 година. „Христијанско братство“ и Гроздановски се дел и од протестите против уставните измени во 2018 година
За лидерот на организацијата „Христијанско братство“, Жарко Грозданоски, кој вчера беше уапсен како осомничен за убиство на 76-годишен охриѓанец, има обвинение и за друго дело, дознава „360 степени“.
Во 2012 година тетовскиот Основен суд постапувал по обвинение против него и за кривичното дело оштетување туѓи предмети, навреда и загрозување на сигурноста.
