Единствениот предлог на архиепископот г.г. Стефан за дебарско-кичевски митрополит е новоизбраниот монах Георгиј
Синодот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) денеска ја одржува седницата на која треба да биде избран новиот митрополит на Дебарско-кичевската епархија. Единствениот предлог на архиепископот г.г. Стефан за дебарско-кичевски митрополит е новоизбраниот монах Георгиј.
Седницата е закажана за денеска во 10 часот.

На празникот Педесетница (Духовден) на 8 јуни, монахот Георгиј доби ново унапредување во монашки чин – игумен, на церемонијата одржана во соборниот храм „Свети Климент Охридски“.
Отец Георгиј е поранешен декан на Православниот богословски факултет „Св. Климент Охридски“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје и ексамбасадор во Ватикан, Ѓоко Ѓоргевски.
Се замонаши на 27 мај. На 28 мај беше ракоположен за јероѓакон, а на 29 мај беше избран за јеромонах.
Одлуката за избор на митрополит се носи со просто мнозинство во Синодот. Во црковните редови има 12 владици, кои управуваат со епархии, така што за избор на идниот митрополит ќе бидат доволни седум гласови. Ако соодносот на гласовите е 50-50, пресудува гласот на архиепископот.
Дебарско-кичевската епархија остана без прв човек во ноември лани, кога по кусо боледување почина тогашниот митрополит Тимотеј.