Сепак, на оние што не можат да ја примат вакцината поради здравствени причини, како и на децата под 12 години ќе им бидат покриени трошоците за лекување
Сингапурските власти објавија дека повеќе нема да им ги плаќаат трошоците за лекување на пациенти со коронавирус кои одбиле да ја примат вакцината против вирусот. Островот се соочува со најлошиот бран на инфекција од почетокот на епидемијата со околу 2 000 до 3 000 нови случаи дневно.
„Луѓето што не се вакцинирани претставуваат значително мнозинство од оние на кои им е потребна интензивна нега и несразмерно придонесуваат за притисокот врз нашата здравствена инфраструктура“,
изјавија тамошните власти.
Владата досега ги покриваше трошоците за лекување на дел од граѓаните, но од 8 декември ќе доставува сметки за пациентите што се заразени и одбиле да ја примат вакцината. Овие пациенти сепак ќе можат да користат приватно осигурување за да ги надоместат трошоците.
Властите ќе продолжат да го плаќаат лекувањето за оние што не можат да ја примат вакцината поради здравствени причини, како и за децата под 12 години.
Сингапур има една од највисоките стапки на вакцинација во светот, со 85 проценти целосно вакцинирани од 5,5 милиони жители.
