Деаноски рече дека дијалогот не се води преку соопштенија и медиуми, а со барањето за средба инсистираат на продолжување на дијалогот за кој рече дека еднострано бил прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата за вработените што протестираат

Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани денеска поднесе формално барање за средба со премиерот Христијан Мицкоски, соопшти претседателот Трпе Деаноски.
Барањето за средба, додава Деаноски, доаѓа откако изминатите денови „се изначитавме декларативни соопштенија од страна на Владата преку кои нè канеше на средби преку медиумите“.
„Формално ние не добивме покана за продолжување на дијалог“,
рече Деаноски за време на денешниот протест кој вработените во седум министерства и две институции го одржаа пред зградата на Министерството за финансии.
Деаноски рече дека дијалогот не се води преку соопштенија и медиуми, а со барањето за средба инсистираат на продолжување на дијалогот за кој рече дека еднострано бил прекинат од страна на Министерството за финансии со одбивање на предложените колективни договори за додаток на плата за вработените што протестираат.
„Вработените очекуваат Владата да покаже разбирање и да ја прифати оваа подадена рака од Синдикатот на УПОЗ за изнаоѓање решение за нашите барања“,
рече Деаноски.
Во спротивно, додаде тој, повторно ќе ги активираат протестите, а ќе ги искористат и сите со закон дадени можности за изразување на незадоволството на работниците се до остварување на барањата.
На прашањето дали под искористување на сите законски права се подразбира и поднесување на тужба против државата, Деаноски во одговорот не ја исклучи таа можност, но рече дека прво ќе дадат шанса за продолжување на дијалогот.
„Имаме разговарано, и вчера на состанокот што го одржавме со синдикалните организации, прво ќе чекаме, ќе дадеме шанса за продолжување на дијалогот, ако не ќе ги продолжиме протестите, се размислува за одење на штрајк и за тужби до државата“,
одговори Деаноски.
На денешниот протест, кој се одржува четврти ден по ред, Зоран Ѓорѓиевски, член на синдикат од Министерство за правда, рече дека сè уште немаат никакви сигнали оти Владата има изнајдено некое решение за нив и за барањата.
„Бараме зголемување на платите за 30 отсто што е минимално што може да се направи за да се овозможи да може работниците да го задржат своето достоинство и да обезбедат основни потреби. Сите заслужуваме достоинствени услови за живот што не можат да се постигнат со плати што не го следат растот на животниот стандард. Не прифаќаме дискриминација и ќе продолжиме да се бориме за праведно зголемување на платите за сите. Бараме вистинска и праведна распределба на ресурсите која ќе овозможи на сите работници да живеат што подостоинствено. Нема да се откажеме додека не го добиеме она што го заслужуваме“,
рече Ѓорѓиевски.

Вработените во Министерството за животна средина и просторно планирање, Министерството за дигитална трансформација, потоа нивните колеги од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Министерството за правда, Министерство за култура и туризам, Министерството за економија и труд, Министерство за транспорт, Државниот завод за статистика и Државниот архив веќе четврти ден излегуваат на полчасовен протест пред зградите. Протестите се одржуваа од 11 до 11:30 часот.
Владата пред два дена преку соопштение, кое беше испратено по одржаниот полчасовен протест на вработените, рекоа дека се подготвени да седнат на маса и да ги разгледаат сите предлози од страна на синдикатите за да се постигне договор.
По ова вчера Деаноски рече дека Владата наместо да пишува соопштенија треба да најде начин како да го реши проблем.
„Ако Владата сакаше дијалог досега ќе бевме седнати на маса и немаше да бидеме на улица“,
рече тој.
На вториот ден од протестот портпаролката на Владата, Марија Митева, соопшти оти Владата изразува сомнеж дека зад штрајкот стои политичка заднина, која, според нивните оцени, дејствува како продолжена рака на партиите кои досега ги злоупотребувале правата на работниците.
Деаноски, пак, и одговори дека секој обид на Владата или на политичките партии да докажат дека има политика во протестите или во работата на Синдикатот ќе им биде залуден.