Претседателот на синдикатот на УЈП, Васе Недановски, во изјава за МИА вели дека назначениот медијатор Лазар Јовевски бил во странство и не можел да се врати во рокот од три дена, кога треба да се постапи
Синдикатот на Управата за јавни приходи (УЈП) најави дека утре ќе испрати предлог за нов медијатор до Министерството за труд и социјална политика (МТСП) откако назначениот помирувач Лазар Јовевски денеска побарал изземање.
Претседателот на синдикатот на УЈП, Васе Недановски, во изјава за МИА вели дека назначениот медијатор бил во странство и не можел да се врати во рокот од три дена, кога треба да се постапи.
„Утре треба да предложиме нов медијатор, да пуштиме писмо до Министерството за труд и социјална политика“,
вели Недановски за МИА.
Претходно денеска од Синдикатот соопштија дека МТСП веднаш го прифатила помирувачот кој тие го предложиле, но најавија дека доколку не се изнајде решение за неколку денови по однос на нивните барања за зголемување на платите заа 30 отсто, ќе се активира одлуката за генерален штрајк.
За најавите на Синдикатот на УЈП за активирање на генерален штрајк, денеска вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи рече дека е оптимист оти со помирувачот ќе се најде решение за вработените во Управата за јавни приходи и се надева оти нема да се реализира најавата за генерален штрајк.
„Генерален штрајк не би требало да се случи зашто вработените во УЈП, како и сите други вработени во јавниот сектор, заслужуваат достоинствени плати“,
изјави Битиќи.
Од синдикатот на УЈП, пак, кажаа дека доколку не се изнајде решение и дојде до генерален штрајк, тоа нема да биде по нивна вина.