„Како е извршена исплатата на платите без претходно дадени нови решенија и без истите да станат комплетно правосилни“, прашуваат од СКРМ
СКРМ потсетува дека Колективниот договор е донесен во целосно правна постапка со одобрение на Владата и објавен во Службен весник на 15.01.2020, а не во „Развигорче“. Тие се повикуваат и на Одлука на Уставен суд од октомври минатата година, според која за склучување на колективни договори не е потребна посебна согласност од Министерството за финансии

Според Синдикатот на културата на Република Македонија (СКРМ), исплатата на мартовската плата во културните институции не е во согласност со важечките колективни договори, туку по насока на Министерството за култура и по препорака на Министерството за финансии, користејќи, како што велат, „нова неправна формула“, што резултирало со грешки во исплатите.
Од СКРМ, преку објава на нивната фејсбук-страница, посочуваат дека целиот процес на изготвување на решенијата за плата и самата пресметка бил извршен под огромен притисок, првично врз директорите на институциите, а потоа и врз вработените кои се задолжени за овие задачи. Тие биле принудени да изработат плати за кои сметале дека не се во согласност со законските прописи.
Од Синдикатот тврдат дека по првичното упатство од Министерството за култура, издадено без запазена правна процедура, дел од директорите, свесни за можните судски последици, одбиле да постапат по него, поради што биле вербално напаѓани и укорени од Министерството. Сепак, по краток период, директорите на националните институции се координирале и одлучиле да постапат по насоките, што во некои институции довело до враќање на вработените по работното време и нивно држење до доцна во ноќта за да изготват нови решенија и плати.
„Како е извршена исплатата на платите без претходно дадени нови решенија и без истите да станат комплетно правосилни“,
прашуваат од СКРМ.
Дополнително, од Синдикатот истакнуваат дека во целиот овој хаос, институциите кои се под локална власт, особено оние под Град Скопје, се целосно заборавени, каде што досега воопшто не се изготвуваат решенија ниту се прават пресметки за плата.
Реакцијата на СКРМ доаѓа откако вчера на седница на парламентот, премиерот Христијан Мицковски изнесе став во врска со Колективниот договор за култура и исплатата на платите. Синдикатот се прашува кој го информира премиерот со „полувистини“, оценувајќи го тоа како акција за фрлање кал во очите на јавноста и купување време за, како што велат, „уништување на културата која ете 30 и кусур години жилаво се држи и не попушта да биде потчинета, замолкната, збришана“.
СКРМ во објавата потсетува дека Колективниот договор е донесен во целосно правна постапка со одобрение на Владата и објавен во Службен весник на 15.01.2020, а не во „Развигорче“. Тие се повикуваат и на Одлука на Уставен суд од октомври минатата година, според која за склучување на колективни договори не е потребна посебна согласност од Министерството за финансии.

Синдикатот ја отфрла реториката дека Колективниот договор е истечен, објаснувајќи дека тој важи до потпишување на нов договор.
Од СКРМ велат дека во тек е подготовка за обжалување и поднесување на тужби поради ваквите постапки и ги предупредуваат засегнатите страни за потенцијалните финансиски импликации.
СКРМ ќе поднесе барање за прием кај премиерот со цел да се расчистат сите спорни прашања во врска со колективниот договор и начинот на пресметка на платите.
Тие ја повикуваат власта да ја прекинат, како што велат, „листата на оние кои се обидуваат да ја уништат културата“ и да бидат запаметени како поддржувачи на вработените во културата.