„Го чекаме назначувањето на новиот министер и да се договориме за ситуацијата со приватните доктори, а исто и за вработените во јавното здравство. Очекуваме позитивна клима и да се реши овој проблем, бидејќи тие луѓе се вработени повеќе од 5 години со плата од 21 700 денари“, изјави на денешната прес-конференција претседателот на Независниот синдикат на здравствени работници, Боби Бојчевски
Независниот синдикат на здравствените работници и Здружението на приватни лекари денеска потпишаа меморандум за соработка – „Заедно сме посилни“, а на прес-конференцијата по тој повод се осврнаа на бројните проблеми во здравството, посочувајќи дека го чекаат изборот на новата влада и заедно со новиот министер за здравство да почнат разговори за нивно решавање.

Во спротивно рекоа дека државата ќе остане без лекари, поради егзодусот на здравствени работници кои заминуваат во приватниот сектор и во странство.
Дополнително, меѓу останатите проблеми што ги наведоа и барања што треба да се исполнат во насока на нивно решавање, тие ги посочија зголемувањето на платите во здравството, особено решевање на статусот на лекарите и медицинските сестри кои работат, а немаат пензинско и здравствено осигурување, како и одложување на пензионирањето на матичните лекари.
„Просечната возраст кај матичните доктори е 58 години, За седум години ќе немаме матични доктори. Младите бегаат, има егзодус, а од друга страна имаме празни ординации во здравствените домови, каде нема најава за концесија. Исто така, треба да се смени законот за пензионирање на овие матични доктори, бидејќи по нивното заминување во пензија, ординациите остануваат празни“,
изјави претседателот на Независниот синдикат на здравствени работници, Боби Бојчевски, пренесува ТВ Телма.
Во однос на приватните доктори, очекувањата на Бојчевски се дека со назначувањето на новиот министер за здравство ќе се реши и овој проблем.
„Го чекаме назначувањето на новиот министер и да се договориме за ситуацијата со приватните доктори, а исто и за вработените во јавното здравство. Очекуваме позитивна клима и да се реши овој проблем, бидејќи тие луѓе се вработени повеќе од 5 години со плата од 21 700 денари. Тоа е срамно и жално, а држат цели одделенија во јавното здравство, како примарна медицина, вакцинација, лаборатории итн.“,
рече тој.
На прес-конференцијата беше посочено и дека мора да се направи нешто за да се задржат лекарите во руралните средини и во помалите градови во државата.
„Вие не може да правите проекти за долготрајна нега на возрасно и старо население ако немате сестри во Виница, Демир Капија и насекаде. Имаме многу теми околу режимот, казните, натрупани се многу проблеми, секој ден да решаваме по еден, мислам дека ќе направиме подобро здравство. Под итно да се зафати новиот министер со распоредување на кадарот за да може пациентот којшто плаќа во овој здравствен систем да добие 24-часовна заштита, а не за едно шпонче во око ние од Велес да мора да ги праќаме во ‘8 Септемв’ во Скопје“,
вели претседателката на Здружението на приватни лекари, Лилија Чолакова-Дервишова.

На прес-конференцијата беа промовирани новите претседатели на синдикатите на Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ и ГОБ „8 Септември“, Методија Трајановски и Слободан Алексиќ. Тие доаѓаат откако нивните претходници Јосиф Ѓоревски, претседател на синдикатот на „Мајка Тереза“, и Кристина Олевска, претседателка на синдикатот на „8 Септември“, го напуштиле јавното здравство и станале лекари во приватна клиника.
„Јас ги гледам студентите во прва година, нема некој студент којшто не е запишан на курс по германски јазик, не познавам таков. Самото тоа ви кажува на каде се ориентирани нашите идни медицинари, наши под наводници, зашто можеби нема да бидат наши, но ние ќе се трудиме да останат тука“,
вели професор доктор Методија Трајановски, пренесува ТВ Телма.