„Од Министерството за култура телефонски се даваат инструкции за пресметка на платите спротивно на одлуките на Управните одбори, со образложение дека тоа било наложено од Министерството за финансии. Како и досега, сето тоа се прави без писмена потврда оставајќи ги директорите под ризик да бидат обвинети за непочитување на законските одредби. Безобразието оди дотаму што, кога институциите уредно ќе побараат писмен документ како основа за такви противзаконски насоки, одговорот е закана: ‘Нема да земете плата со месеци’“, наведуваат од Синдикатот за култура на Македонија
Синдикатот за култура на Македонија алармира дека две институции од областа на културата и натаму ја немаат земено платата за мај годинава бидејќи, како што велат оттаму, Министерството за култура и туризам одбива да ги почитува одлуките на управните одбори на овие институции и бара платите да се исплатат спротивно на колективните договори и важечката законска регулатива.

„Од Министерството за култура телефонски се даваат инструкции за пресметка на платите спротивно на одлуките на Управните одбори, со образложение дека тоа било наложено од Министерството за финансии. Како и досега, сето тоа се прави без писмена потврда, оставајќи ги директорите под ризик да бидат обвинети за непочитување на законските одредби. Безобразието оди дотаму што, кога институциите уредно ќе побараат писмен документ како основа за такви противзаконски насоки, одговорот е закана: ‘Нема да земете плата со месеци’. Со тоа, покрај кршењето на правото на плата, се загрозува и правото на здравствено осигурување по 30 јуни“,
велат од Синдикатот.
Оттаму оценија дека, бидејќи е свесен дека институцијата ги крши законите на штета на културните работници, Министерот за култура и туризам Зоран Љутков останува пасивен набљудувач на ситуацијата.
Од Синдикатот потсетуваат дека изготвувањето и исплатата на платите во јавниот сектор се врши согласно закон и колективен договор, на начин што буџетските корисници од централната власт и единките корисници се должни до Министерството за финансии да достават барање за одобрување на средства за плати за вработените.
Оттаму посочуваат дека согласно ваквите законски одредби, Министерството за култура и туризам доставува барање за одобрување на средства за плати и одговара за законитоста на пресметката и на барањето за одобрение, а Министерството за финансии нема надлежности да изготвува, менува или преиначува барања.
„Оттука, јасно е дека Министерството за култура и туризам, односно министерот за култура и туризам, како и директорите кои постапуваат согласно неговите насоки, се единствено одговорни за кратењето на правото на плата на вработените во културата, а Министерството за финансии се користи само како оправдување за сторените повреди. Бараме од Министерството за култура веднаш да ги исплати платите согласно одлуките на Управните одбори, а доколку повторно се повика на Министерството за финансии како кочничар на исплатата на платите согласно закон, бараме јавно да ги објави одредбите со кои ќе бидат поткрепени овие тврдења дека исклучиво Министерството за финансии е одговорно за кратењето на правото на плата на вработените во културата!“,
додаваат од Синдикатот на културните работници.