До УЈП стигнале претставки за непочитување на оваа мерка
Сојузот на синдикати на Македонија бара мерката за финансиска поддршка за исплата на плати да важи и за јунската плата, но овие пари да се исплаќаат директно на сметките на работниците.
Ваквото барање, како што појаснуваа од ССМ во денешното соопштение, е поради тоа што во изминатиот период имало информации за злоупотреби, како и поради пријавите дека на работниците им се исплаќа помал износ на плата од она што работодавачите го добиле како финансиска помош, а на некои и воопшто не им се исплаќале плати.
„По укажувањето на ССМ за појави во одредени компании кога работодавачите, иако добиле субвенции од државата во висина од 14 500 денари по работник за исплата на платата, на работниците им исплаќаат понизок износ на плата од она што го добиле како помош, а има и такви компании кои иако зеле државна помош воопшто не исплатиле плати на работниците. Управата за јавни приходи информираше дека е во постапка на вршење на анализа на компаниите на кои им е исплатена финансиска поддршка и на податоците за пресметани и исплатени плати од нивна страна. За компаниите каде ќе бидат утврдени неправилности, Управата за јавни приходи по службена должност ќе ги достави податоците до Државниот инспекторат за труд и заеднички и координирано ќе постапува“,
се вели во соопштението од ССМ и се додава дека до УЈП има стигнато претставки за непочитување на оваа мерка.
Владата вчера донесе Уредба со која мерката 14 500 денари финансиска поддршка по вработен продолжува и за јунската плата.
Фирмите што ќе користат финансиска поддршка и за месец јуни, наместо до јули ќе мораат да го задржат истиот број вработени заклучно со август.
Досега оваа поддршка во април ја искористиле 21 215 компании и 5 579 самостојни вршители на дејност додека во мај 20 507 компании и 5 579 самостојни вршители на дејност, објави министерката за финансии Ника Ангеловска на Фејсбук.
