Од Синдикатот на јавни обвинителства апелираат Законот за јавнообвинителска служба да се донесе веднаш по локалните избори во форма во која беше подготвен првично и во кој учествуваа и тие, како и да се отстранат бариерите за кадровско екипирање

Синдикалната организација на јавни обвинителства при Синдикатот на УПОЗ ја известува јавноста и надлежните институции дека јавнообвинителската служба се наоѓа на работ на целосен колапс, поради континуираното заминување на кадар.
„Главната причина за оваа состојба е постојаното потценување и невреднување на трудот на јавнообвинителските службеници. Единствена светла точка и излез од оваа состојба на безислезност ја гледавме во донесување на Законот за јавнообвинителската служба. Сметавме дека потегот на Министерството за правда да ги вклучи јавнообвинителските службеници во процесот на подготовка на закон што е lex specialis токму поради специфичноста на оваа служба и ги уредува нивните права и обврски ќе вроди со плод и дека конечно ќе се слушне гласот на јавнообвинителските службеници“,
се вели соопштението.
Во групата учествуваа претставници од сите категории на службеници и беше подготвен закон што ги адресираше сите реални проблеми и потреби со кои се соочуваат јавнообвинитрлските службеници – услови за работа, обврски, надлежности, дежурства, надоместоци, дневници и соодветно вреднување преку системот на плати и коефициенти.
„Овој предлог на закон подготвен од претставници од базата на јавните обвинителства ги отстранува недостатоците од претходниот закон и обезбедува стабилност на службата, која денес е сведена на само една четвртина од потребниот број вработени. Но, со објавување на законот на ЕНЕР нашите надежи пропаднаа бидејќи се појави верзија на Законот за јавнообвинителска служба која во клучните делови не кореспондира со нашите предлози и повторно ги остава службениците без решенија за суштинските проблеми“,
велат од Синдикалната организација на јавни обвинителства.
Тие потсетуваат дека во 2023 година, поради истите нерешени прашања беа принудени на штрајк кој траеше три месеци.
„За жал, тогаш немаше слух за нашите барања. Затоа денес, кога повторно се најавува носење на новиот Закон и кога секоја синдикална организација наоѓа „пат“ до извршната власт, јасно и гласно кажуваме дека ние како Синдикална организација на јавните обвинителства мора да бидеме дел од преговорите – како единствени претставници на јавнообвинителската служба и остануваме на нашиот Предлог-закон, подготвен од работната група во соработка со Министерството за правда“,
потецнираат оттаму.
Дополнително велат, платите на јавнообвинителската служба мора да се зголемат и воедно да се уредат сите елементи на работниот однос – дежурства, надоместоци, дневници и вонредна работа, кои иако беа утврдени и во одредбите на стариот закон и им следуваат, истите не им се исплаќаат.
„Јавноста треба да има предвид дека нашата работа е специфична и бара висок степен на одговорност, доверливост, чесност и професионалност. Но кога овој труд не е соодветно вреднуван, службата станува неатрактивна, а платите и додатоците се под државниот просек – ниту еден службеник не зема плата во висина на просечната плата во државата“,
стои понатаму во соопштението.
Тие апелираат Законот за јавнообвинителска служба да се донесе веднаш по локалните избори во форма во која беше подготвен првично и итно да се започне со подготовка и имплементација на сите подзаконски акти, како и отстранување на бариерите за кадровско екипирање.