Од ССМ велат дека синдикалната минимална кошничка сега изнесува 65 328 денари или околу 1 100 евра
За нешто повеќе од 10 евра пораснала вредноста на минималната синдикална кошничка од јуни до јули, согласно последните анализи што ги прави Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ). Оттаму велат дека сега синдикалната минимална кошничка изнесува 65 328 денари или 1062 евра, а доколку во пресметката влезе и изнајмен стан од 60 квадрати за еден месец, кошничката изнесува 80 703 денари или 1311 евра.

Од синдикатот велат дека во однос на храната и пијалаците, односно за 63-те производи кои се цел на следење на Синдикатот, споредбено помеѓу јуни и јули е зголемена за 515 денари, а дополнително, согласно податоците со кои тие располагаат, евидентно е дека по завршувањето на владините мерки за замрзнување на цените за одредени производи, вредноста на кошничката за три месеци е зголемена за 2 637 денари или 4,20 отсто, додека пак кај храната и пијалаците се нотира зголемување за 2 202 денари, или проценутално за 10,25 отсто.
Токму затоа, велат оттаму, поради фактот што животот во Македонија станува се поскап, а платите недоволни за граѓаните да си ги дозволат и најосновните услови за живот, потребно е зголемување и на минималната и на другите плати.