Во најголем дел мигрантите се млади луѓе кои го носат со себе и природниот прираст и влијаат индиректно и на бројот на раѓањата, тоа влијае врз промените во старосната структура. Се прават дупки во таа демографска пирамида и таа денес повеќе личи на дрво отколку на пирамида бидејќи подножјето е многу помало и имаме првичен столб кој фактички треба да се полни да е многу мал, вели директорот на Статистика
Државниот завод за статистика наскоро ќе излезе со првичните податоци за пописот на населението, домаќинствата и становите.
Директорот Апостол Симовски во „Утрински брифинг“ на „Слободна ТВ“, вели дека се попишани вкупно 1 832 696 граѓани, 568 175 домаќинства и 837 255 станови.
Сега следува фазата од пописот која се работи во ДЗС, обработка на пописниот материјал.
„Знаете дека имавме два типа попис – попис на терен и попис на дијаспората, кој се одвиваше по пат на самопопишување по пат на интернет. Овие две бази требаше да се спојат, нив ги споивме и сега ги обработуваме податоците од аспект на утврдување на контингентите на население на резидентно и на нерезединетно население“,
вели Симовски.
Според него, базата на државјани на РСМ брои повеќе од 2 430 000 лица, а со пописот се опфатени околу 1 840 000.
„Тоа не значи дека податоците не се точни. Искрен да бидам, не очекувавме дека ќе опфатиме повеќе, особено што имавме една голема антикампања“,
вели Симовски кој најави дека објавувањето на податоците ќе биде сукцесивно, ќе следува изработка на табели и постои можност за пописен хаб каде што корисниците ќе можат сами да си подготвуваат табели директно од базата и тоа е прилично сложена постапка која ја користи Евростат.
Според него вкупната бројка од над 1 800 000 попишани граѓани покажува дека има зголемена миграција во изминатиот 20 годишен период, која влијае на другите фактори.
„Кога има иселување од државата двојно се губи, прво жива сила, заминуваат и не придонесуваат во развојот на државата, а второто е дека се губи и оној потенцијал за наталитет. Во најголем дел мигрантите се млади луѓе кои го носат со себе и природниот прираст и влијаат индиректно и на бројот на раѓањата, тоа влијае врз промените во старосната структура. Се прават дупки во таа демографска пирамида и таа денес повеќе личи на дрво отколку на пирамида бидејќи подножјето е многу помало и имаме првичен столб кој фактички треба да се полни да е многу мал. Тоа значи нарушување на соодносот со бројот на раѓања и умирања, тоа значи диспропорција во територијалниот распоред на населението, внатрешните миграции исто влијаат, помалку деца во образованието, поголемо внимание на пензиските фондови итн“,
рече Симовски.