Само вчера се попишани 93 235 лица, а директорот на ДЗС очекува дека на крајот од септември ќе објават дека конечно успешно е спроведен попис во земјава. Од масовниот одѕив се задоволни и од Владата и нагласуваат дека податоците ќе помогнат прецизно да се планираат политиките и развојот на земјата
Пописот се одвива со посакуваниот интензитет, нормално, без никакви застои и без никакви проблеми, вели директорот на Државниот завод за статистика (ДЗС), Апостол Симовски. Тој вели дека бројот на одбивања од граѓани да се попишат е незначителен. Меѓутоа и со овие лица, нагласува Симовски, се разговара и во најголемиот дел досега попишувачките тимови ги убедуваат дека треба да се попишат.

„Бројот на одбивање е исклучително мал, немам точка бројка, очекувам денес да добијам за деновите досега. Меѓутоа, таму каде што има првично одбивање одиме повторно и разговараме со тие лица, оди нашиот државниот инструктор, оди член на пописната комисија и досега најчестата пракса е тие луѓе да се убедат и да се попишат. Сè уште не применуваме никакви санкции и се надеваме дека тоа нема да се случи до крајот на попишувањето, односно дека ќе успееме да ги убедиме тие луѓе дека онаа пропаганда што е насочена против спроведувањето на пописот во суштина е систем на дезинформации и целта е сосема друга, а не она што сакаме да го постигнеме“,
вели Симовски.
Директорот на ДЗС вели дека во последните три дена пописот се одвива без никакви проблеми по првичните технички застои, кои сега се надминати.
„Очекуваме дека во наредниот период нема да има вакви случаи, но и да се случат постои цел тим зад нас кој постојано е спремен, дежура, имаме еден голем пописен штаб кој за секој дел од техничките и методолошките решенија се присутни. Не очекуваме никакви проблеми и мислиме дека на крајот на месецот ќе објавиме конечно дека сме завршиле успешно со пописот и дека операцијата е целосно готова“,
изјави Симовски.
Тој нагласи дека клучот за некој да биде попишан е да има документ односно матичниот број. Таму каде што недостига некој член од домаќинството, вели Симовски, попишувачите договараат термин кога тоа лице ќе биде присутно за повторно да отидат и да го попишат, но тоа не значи дека останатите членови на домаќинството не треба да се попишат истиот ден.
Во однос на исплатата на попишувачите, директорот на ДЗС вели дека нивните хонорари ќе бидат исплатени до последен денар и нема потреба да стравуваат од тој аспект.
Само во текот на вчерашниот ден се попишани точно 93 235 лица, 29 491 домаќинство и 40 155 станови. Од почетокот на пописот (5 септември), пак, досега се попишани 512 457 граѓани, 158 519 домаќинства и 212 464 станови.
Ваквиот одѕив од владата го сметаат за масовен и се заблагодаруваат за поддршката од граѓаните.
„Масовниот одѕив покажува за свесноста и за одговорноста на секој од нас да придонесе во собирањето податоци важни за креирање на заедничката иднина. Врз основа на собраните податоци ќе се прават анализи, ќе се носат одлуки и прецизно ќе се планира развојот на земјата“,
вели портпаролот на Владата, Душко Арсовски.