Проблемот е со целата мрежа во државата и Телеком работи на отстранување на овој дефект, вели директорот на Заводот за статистика
Интернет-конецијата им создаде проблем на попишувачите на вториот ден од најголемата статистичка операција во земјава. Директорот на Државниот завод за статистика Апостол Симовски, при денешната посета на Тетово, изјави дека нема проблем со апликација и очекува што поскоро решавање, а со тоа и на попишувањето да продолжи поинтензивно во попладневните часови.
„Имавме проблем со интернет-конекцијата, ама не е проблем со апликацијата, туку со целата интернет-мрежа во државата. Колку што сум запознаен, ‘Телеком’ работи на отстранување на овој дефект и мислам дека скоро тоа ќе се реши за да немаме проблем во работата“,
изјави Симовски, кој денеска заедно со заменик-директорот Илми Селами беше во Тетово за да проверат како тече пописот во овој регион.

Според директорот Симовски, населението масовно го прифаќа пописот и нема бојкот, а само мал број луѓе ги одбиле попишувачите.
„Мислам дека овој процес ќе биде успешно завршен на крајот и сите ќе се радуваме на крајот на септември и дека сме го завршиле овој процес после цели 20 години. Многу малку инцидентни случаи, кои се занемаралив број и таму првично што ќе направиме е да поразговараме со овие луѓе да им објасниме што е целта на пописот и очекуваме дека нема да има проблем. Не би сакале во моментот попишувачот да го ставиме во таква ситуација, таму ќе отидат нашите државни инструктори да им објаснат малку подобро и веруваме дека нема да има проблем и во тој дел. Сега-засега се многу малку инциденти случаи“,
рече Симовски.
Во Тетово недостигаат околу педесетина попишувачи, за што се повикани луѓе вработени во администрацијата за кои овие неколку дена ќе се врши обука за да можат подоцна да почнат со работа.
На првиот ден од пописот вкупно се попишани 94 975 лица, 28 594 домаќинства и 37 544 станови, информираат денеска од Државниот завод за статистика.

Можноста за самопопишување на лица во странство до денеска во во 7:30 часот ја искористиле – 191 550 лица.
„Вчера се чувствував горд граѓанин во оваа наша земја, затоа што после 20 години со апелот на сите политички субјекти, на сите општественици, со професионалниот кадар на статистика под раководство на директорот Апостол и заменикот директорот, пред се, нашите граѓани во педесетина региони исклучително успешно стартуваше пописот во нашата земја. Последниот податок покажува дека некаде 94 500 граѓани се попишале, што е исклучително успешно имајќи предвид дека е недела и дека е прв ден за попис. Сакам да им честитам на сите попишувачи, но најмногу на сите граѓани“,
оцени денеска и премиерот Зоран Заев.
Пописот на населението, домаќинствата и становите во земјава, кој официјално започна вчера, ќе трае до 30 септември.