Симовски вели дека при воведување и користење на нова технологија е очекувано да има предизвици, но уверува дека проблемите се надминати и дека има доволно време пописот да заврши според планираното
Првиот човек на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски, рече дека два хакерски напади се случиле откако е започнат процесот на попишување, едниот напад бил на самиот процес, а другиот на веб-страницата на Заводот.
„На веб-страницата нема податоци, па веројатно нападот бил со цел да се оневозможат граѓаните да ги следат нашите објави и информации. Досега имало повеќе напади на веб-страницата. Но, имаше втор напад на самиот процес на попишување, но и двата напади се успешно одбиени и не предизвикаа никаква штета“,
рече Симовски во интервју за ТВ24.
Тој потврди дека и двата напади се пријавени со Секторот за компјутерски криминал при Министерството за внатрешни работи и дека се работи на расчистување на случајот.
Симовски вели дека техничките предизвици што се случија во првите денови од почетокот на пописот се целосно отстранети.
Тој вели дека при воведување и користење на нова технологија е очекувано да има предизвици, но уверува дека проблемите се надминати и дека има доволно време пописот да заврши според планираното.
Тој информираше дека до денеска има попишано над 600 илјади граѓани од кои само денеска се попишани 100 илјади.