Командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски, смета дека дел од пожарите во Скопскиот Регион се подметнати. Тој вели дека досега не се случило да има 22 интервенции за помалку од 24 часа и нагласува дека дел од дојавите биле лажни
Сите пожари во Скопскиот Регион на кои се интервенираше вчера се изгаснати. Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во текот на вчерашниот ден имала 29 дојави за пожар од кои е интервенирано во 22 случаи, а седум дојави биле лажни.
„Не се памети ден како вчерашниот. Досега не сме имале 22 интервенции за помалку од 24 часа. Првата дојава беше околу 10 часот, а последната во 21:45 часот“,
вели во изјава за МИА командантот на Територијалната противпожарна единица на Град Скопје, Владимир Симоновски.
Тој вели дека, според процените на пожарникарите, дел од пожарите се подметнати.
„Нашите досегашни искуства покажуваат дека дел од пожарите се подметнати“,
вели Симоновски.
Од Територијалната противпожарна единица на Град Скопје во моментот има една екипа испратена во Пехчевско-делчевскиот Регион.
Секаде каде што била побарана помош, како што изјави Симоновски, биле испратени екипи и притоа се водело сметка да не се доведе во прашање безбедноста на граѓаните во Скопје.