Според директорот на Заводот за статистика, директните и индиректните проверки во базите на податоци ќе покажат дали некој навистина е во странство до една година или подолго
Апостол Симевски, директорот на Државниот завод за статистика, изјави вечерва дека, за време на пописот што ќе се спроведе во април, најдобро е никој да не се обидува да дава лажни податоци, особено во однос на времетраењето на престојот надвор од државата.
Во гостување во емисијата „Вин-вин“ на Телма, Симевски рече дека директните и индиректни проверки во базите на податоци ќе покажат дали некој навистина е во странство до една година или подолго.
„Тешко дека некој ќе може да даде лажен податок во однос на отсуството или присуството во земјава. Методот што го користиме, податоците што ги имаме во базите, даваат можност за многу проверки. Даваат можност на директни и индиректни проверки, со кои лесно се докажува дали некое лице е пристно или отсутно од државата. Во регистарот на МВР има податоци за околу 130 илјади лица кои го одјавиле своето живеалиште, а имаме и некои други податоци, како базата на Фондот за здравствено осигурување и други бази што ни даваат можност за проверување“,
рече Симевски.
Тој рече дека со лицата кои се позитивни на коронавирус ќе се постапува по ист принцип како и со избирачите кои беа во изолација за време на изборите во јули. Се размислува, нагласи, за вакцинирање на попишувачите, ама пречка е тоа што вакцинацијата е на доброволна основа.
„Не можеме да знаеме дали секој ќе прифати да се вакцинира. Не може да направиме таков чекор, но тоа не значи дека не може да се влезе во некој дом и да се води сметка се да биде по протокол. Ние и сега спроведуваме анкети кои вклучуваат по 5 000 семејства. Не е спорно и за лицата кои се болни и се регистрирани како ковид-позитивни. Таа информација ние ќе ја имаме, а овој дел не може да стои во законот. Со овие лица ќе се постапува исто како и за време на изборите, кога заболените и лицата во изолација гласаа по посебни протоколи. Ќе се прилагодиме на каква било ситуација“,
рече Симевски.
Собранието денеска го донесе Законот за попис, кој овозможува спроведување на големата статистичка операција на која во земјава се чека подолго од 18 години.